1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Собрание:пратениците далеку од единство за уставните промени

15 октомври 2018

Првиот ден од собраниската расправа за предложените уставни измени минува во дијаметрално спротивни ставови на пратениците на мнозинството и опозицијата.

https://p.dw.com/p/36ZON
Mazedonien Parlament in Skopje | Namensstreit mit Griechenland
Фотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/B. Ademi

Пратениците ја започнаа дебатата за владиниот Предлог за пристапување кон измени на Уставот, согласно со обврската од Преспанскиот договор, но засега нема сигнали дека ќе се случи приближување на ставовите. Седницата започна со барање на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски да се симне точката од дневен ред. Откако тоа беше одбиено од мнозинството, расправата се сведе на серија меѓусебни обвинувања и критики меѓу власта и опозицијата.

Премиерот Зоран Заев повика на помирување и простување, на што се приклучија и пратеници од владејачкото мнозинство со теза дека договорот е историска шанса за напредок на Македонија.

Пратеникот на ДУИ, Артан Груби рече дека пратениците имаат три копчиња и два правци. „Трите копчиња се, зелено за иднина, црвено за небиднина и жолто за стагнација. Додека од двата пата, првиот е веќе изоден, другиот е непознат. Првиот е изолација, тапкање во место, бесперспективност, небиднина, недојдија, немир. Вториот е неизвесност, но истовремено надеж, непознат, но, сепак, извесен, поддржан од сиот демократски свет“, рече Груби.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски им порача на пратениците на СДСМ да не го ставаат во заблуда народот.

„Доста ги манипулирате граѓаните дека се менува референцата БЈРМ, кажете дека се менува името Република Македонија во Република Северна Македонија. За да има светла иднина оваа држава треба да седнете и да сработите нешто. Доста го плашите народот дека е крај на светот ако не помине договорот“, рече Илиоски.

Дискусијата за потребата од уставни промени може да трае најмногу 10 дена, но се проценува дека таа може да биде исцрпена и порано. Дури по завршувањето на дебатата, кога Предлогот ќе се стави на гласање, ќе се знае дали уставните измени имаат двотретинска поддршка од пратениците. Доколку нема, ќе следи распуштање на Собранието и распишување парламентарни избори.

Предлогот за пристапување кон измени на Уставот веќе доби зелено светло од Комисијата за уставни прашања, кога на 12-ти октомври помина со 10 гласови „за“ и 7 „против“.

На седницата се присутни и пратениците Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ, како и лидерите на ДПА- Мендух Тачи и на ДУИ- Али Ахмети.