Со хартиени брисачи и метални монети против коронавирус
25 април 2020Што им е заедничко на хартиени брисачи и металните парички? Во изминатите години станаа демоде. Ресторани, аеродроми и институции сѐ повеќе користат автомати за сушење кои за многу кратко време ги сушат рацете. Тоа се брани често со заштита на животната средина бидејќи не настанува отпад. Можеби и штедењето е аргумент, но да се биде скржав не е толку мангупски колку грижата за околината кога станува збор за тоа изборот да им се „продаде“ на клиентите.
Слично е и со монетите. Во рамки на ЕУ има жива дискусија за смислата на укинувањето на ситните парички од 1 и 2 центи.
Најчест аргумент е дека на клиентите им е здодевно постојано да сметаат со малите пари. Помалку омилен, но ништо помалку значаен аргумент е дека изработката на монетите е поскапа отколку самата нејзина номинална вредност и со тоа се неекономични.
Но, и автомати со парички сѐ помалку има по градовите. За градски паркинзи и јавен превоз клиентите сакаат да плаќаат со мобилен или со кредитна картичка. Тоа штеди пари, бидејќи не бара оддржување на апаратите.
Со стравот од вирус против даночни затајувачи
Понекој сака и банкнотите да се укинат или барем да се забранат, меѓу другото и за да им се отежни работата на даночни затајувачи. На таквите заговорници на пластични пари сега им оди уште еден аргумент во прилог: заштитата од инфекции.
Овој четврток две групи научници приложија две релативно мали студии кои не се објавени во стручни журнали, туку се спроведени за конгрес на Европското друштво за клиничка микробиологија и инфективни болести. Средбата требала да почне на 18 април во Париз, но е откажана поради коронавирусот. Двете студии ја спасуваат честа на хартиениети брисачи и монетите, но не и на банкнотите.
Сушење раце – ама правилно!
Инес Мура и Данкан Јуин од универзитетот Лидс со нивниот професор Марк Вилкокс истражувале колку брзо вирусот по посета на тоалет се шири на површината во зависност од тоа дали рацете ги сушиме со автоматски сушач или со хартиени брисачи. Слични обиди направиле истражувачите од Лидс пред неколку години, во однос на бактерии.
За новиот опит четворица доброволци прво ги контаминирале рацете со бактериофаги. Тоа се вируси кои се хранат со бактерии и кои се безопасни за човекот. Потоа рацете не си ги миеле темелно, туку само ги навлажниле. Така истражувачите симулирале неуредно миени раце.
По сушењето со автомат, односно со хартиен брисач, истражувачите земале проби за да видат колку се задржал вирусот на рацете и дали се префрлил на алиштата и површини како кваки, гелендери, копчиња во лифт, столчиња во чекалните. Дополнително се проверени стетоскопите, телефоните и столиците што ги допирале доброволците.
Резултатот: автоматските сушачи за раце како и хартиени брисачи ја намалуваат контаминацијата на рацете со вируси. Но, на 10 од 11 површини кои потоа биле допрени, истражувачите регистрирале „значително повисока контаминација на животната средина по користење на автомат за сушење раце отколку по користење на хартиени брисачи.“
По користење на сушачи за раце на сите површини се пронајдени бактериофаги, но по користење на хартиени брисачи тие се пронајдени само на шест површини. Во просек, контаминацијата на површините по користење на автомати за сушење раце е десет пати поголема во споредба со користење на хартиени брисачи. На, престилка пак тоа е пет пати повеќе.
Истражувачите пронајдоа и докази дека вирусите не само што се пренесува директно од рацете на површините, туку и од престилките на површините, но само по користење на автомат за сушење раце.
Така препораката од хигиеничарите е во болниците повеќе да се користат хартиени брисачи, а не машини за сушење раце.
Парите се нечисти!
Тим истражувачи предводени од професор Јоханес Кноблох од универзитетската клиника во Хамбург, Епендорф го анализираше задржувањето на бактерии на парите. Научниците контаминираа монети од 5 и 50 центи, од 1 евро како и банкноти од пет евра, со бактерии од типот ентерококи и стафилококи под услови колку што е можно поприродни и послични на допир со кожа. Монетите се изработени од различни легури. Монетата од 5 центи однадвор е обложена со бакар. Таа од 50 центи има 89% бакар, пет проценти алуминиум и цинк и еден процент лимен. Монетата од 1 евро е има златест изглед, кој вушност е мешавина од 75% бакар, 20% цинк и 5% никел. Сребрениот сјај на внатрешоста е 75% бакар и 25% никел. Анализираната монета од 5 евра е направена од памук.
Монетите се почисти од банкнотите
Резултатот гласи: на бакарните монети од 5 центи бактериите опстануваат најмалку. Но сите монети со бакарна обвивка имаат јасно антибактериско дејство. Така бактериското оптоварување со стафилококи по 24 часа се редуцира меѓу 98,7% и 99,5%, во зависност од видот на монетата. Кај ентерококите е забележано намалување меѓу 96,8% и 99%. Кај банкнотите пак не е забележана никаква редукција.
Многу е веројатно дека бакарот во рачките на вратите или гелендерите исто така може да има позитивен ефект против вирусот САРС – КоВ – 2. Меѓународен тим истражувачи неодамна се осврна на релевантните откритија во заедничко писмо испратено до „Њу Ингланд журнал оф медисин“.
Веќе со години е докажано дека кваките од бакар во болниците се многу ефикасни против болничките бактерии.
Веројатно треба и централните банки да размислат дали е подобро во иднина да произведат монети во вредност од 5, 10, 20, 50 и 100 евра. Против ова е фактот дека монети многу полесно се фалсификуваат отколку банкнотите кои имаат вметнани софистицирани заштитни карактеристики. Друга алтернатива веројатно би била банкнотите да се перат на 60 степени, најдобро заедно со паричникот.
Сепак, од хигиенска гледна точка бесконтактно и безготовинско плаќање останува најбезбедниот начин, бидејќи „патогените може да се пренесат и преку монетите,“ нагласуваат авторите на студијата од Хамбург.