1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доаѓа време и техничките гиганти да плаќаат данок

Николас Мартин
20 мај 2021

Пандемијата ги празни буџетските каси во индустриските и развојните земји. Истовремено технолошките концерни ја кријат својата заработувачка. Невладина организација бара даночни реформи и пресмета што тие би донесле.

https://p.dw.com/p/3tewa
USA Internet Digital Konzerne Facebook Amazon Google Apple
Фотографија: picture alliance/dpa/AP Photo/L. Schulze/M. Lennihan/M.-J. Sanchez/L. Schulze

На почеток да напоменеме дека околу 26 милијарди евра повеќе на годишна база може да добијат само дваесетте најголеми индустриски земји и тоа само од петте големи технолошки компании – Гугл, Епл, Фејсбук, Амазон и Мајкрософт. Овие бројки ги пресмета невладината организација ЕкшнЕид (ActionAid). 

„Досегашниот систем повеќе не функционира. Ни треба глобална даночна реформа,“ вели Андерс Далбек, даночен експерт во организацијата која се финансира од донации и пари од влади и фондации. 

Студијата на оваа невладина организација доаѓа во време кога Европската Унија повторно остана со куси ракави против моќните корпорации од САД. Суд во ЕУ минатата недела ја поништи одлуката на Европската комисија со која требаше да се обврзе Амазон да плаќа даноци во Луксембург. „Внимателно ќе ја анализираме пресудата и ќе ги разгледаме можните следни чекори,“ изјави еврокомесарката за конкурентност Маргрет Вестагер по пресудата. Слично заврши и процесот проти Епл за избегнување на плаќање данок во Ирска. И тука ЕУ е поразена. Процесот сега се води пред највисокиот суд во Унијата – Европскиот суд на правдата. 

Милијарди преку даночни трикови 

На темата даноци може да се зборува за потфрлање во милијарди евра. Неодамна на Амазон, во луксембуршката матична компанија за Европа му се вратени 56 милиони евра за даноци и покрај тоа што приходите на компанијата во пандемијата пораснале за една третина на 42 милијарди евра. Даночните власти во ЕУ останаа со празни раце. 

Како е можно ова? Снаодливите даночни експерти го одлагаат пријавувањето на добивката, ги преместуваат седиштата на компаниите и директно го реинвестираат профитот. За тоа ги користат термините "Double Irish" (дупло ирско) или "Dutch Sandwich“ (дански сендвич). Свен Гиголд, европарламентарец од Зелените постојано нагласува дека Германија губи по една четвртина од даночните приходи поради даночните оази. 

Повеќе:

Напад од ЕУ врз Гугл и компанија 

Гугл, Фејсбук и останатите се спасија од „дигиталниот данок“ на ЕУ

Им одзвони ли на даночните оази?

Недопрениот даночен потенцијал на дигиталната економија е огромен, вели Андерс Далбек од ЕкшнЕид. Не само индустриските, туку и земјите во раст и развој може да генерираат огромен дополнителен приход во државната каса. „Сега се потребни дополнителни извори на пари бидејќи пандемијата екстремно го зголеми товарот врз државните каси особено во здравствениот сектор,“ вели Далбек. Така ЕкшнЕид во својот извештај „Мисија заздравување“ храбро пресмета дека со дополнително оданочување ќе се обезбедат средства за по две дози вакцини за секој човек во светот.

Infografik Mögliche Steuerverluste wegen Tech-Firmen Länder EN
Потенцијални загуби од данок поради техничките гиганти во билиони американски долари

Решението е глобален данок

 Но, барањата на оваа невладина се уште пошироки – ЕкшнЕид предлага глобален данок за корпорации од 25%. Барања во духот на новото време. Во април американскиот претседател Џо Бајден и се обрати на ЕУ со конкретен чекор за промена во меѓународната даночна политика. „Заврши трката по ниски цени во светот“ гласи насловот на документот од американското Министерство за финансии. САД предлагаат глобален минимален данок од 21%. Претходно и американската министерка за финансии Џенет Јелен се изјасни за воведување минимален глобален данок. Министрите за финансии на Германија и Франција се согласија со ваквата идеа. 

Оваа бројка на крајот всушност покажува колку вкупно треба да платат компаниите – односно оној кој во една земја плаќа помалку од минимално утврдениот данок, во матичната земја ќе мора да ја доплати разликата. На пример ако компанијата плаќа  5% данок на еден Карипски остров, останатите 20% ќе треба да се доплатат во земјата каде им е главното седиште. Така повеќе нема да функционира принципот на намалување на профитот онаму каде што има повисоки даноци и префрлање во земјите со ниски даноци. „За вакви темелни промени потребна е критична маса. Пред се САД, Канада и ЕУ земјите, а да се надеваме дека и голем дел од азиските земји би се вклучиле, бидејќи таму им се главните седишта на голем дел од корпорациите,“ вели Далбек за ДВ. 

Со децении данокот на профит оди само во една насока – надолу. Поради глобалната конкуренција просечната даночна стапка на профит е некаде над 20%. Во 1980-те години таа беше околу 40%. Поради тоа ЕкшнЕид се залага за „најмалку 25%“ бидејќи во спротивно многу земји би морале да ги прилагодуваат даноците надолу доколку даночната стапка е поголема.

BG Impfkampagnen an abgelegenen Orten | Kolumbien Cauca
Ако „гобалните играчи“ не избегнуваат плаќање данок, би имало пари за вакцина за секој човек на планетатаФотографија: Luis Robayo/AFP

Потребни се нови формули за пресметување

На светот му се потребни пари. Насекаде пандемијата и рецесијата ги испразнија буџетите, особено во земјите во развој и транзиција. „Како што се поставени даночните системи во моментот за таквите земји е многу тешко воопшто да дојдат до наплата на даноци″, вели Далбек. „Затоа бараме од земјите надвор од северот да размислат и за други мерки.″

Неколку африкански земји како Нигерија, Кенија или Сиера Леоне кај големите технолошки компании веќе директно повлекуваат одреден процент даноци од нивните приходи за некои понуди, на пример од стриминг, социјални медиуми или слично. Т.н.даноци за дигитални услуги според податоци на Организацијата за економска соработка и развој веќе се наплатуваат во 40 земји. Индија на пример има поставено параметри: кога ќе се достигне одреден број на корисници и профит генериран во Индија, се наплатуваат даноци. На ваков начин треба да се избегнат трикови при оданочувањето. ЕкшнЕид во својот извештај се залагаат на долг рок да се воведе даночен систем кој ќе ги задоволува и потребите на земјите во транзиција и развој и кој според нив најдобро би функционирал под закрила на Обединетите нации. „Земји во кои се одвива економска активност имаат право да наплатуваат даноци″, вели Далбек. Но, тие се реалистични во очекувањата и сметаат дека таква комплицирана регулатива нема да се случи во блиска иднина.

За преодниот период треба да има глобална минимална ставка и национална регулатива. Времето за преземање таква мерка се чини поволно. САД и ЕУ исто така сакаат да ги вклучат во покривањето на трошоците на кризата оние кои извлекоа најголема корист од пандемијата. Веќе летото може да се очекува глобален минимален данок, но експертите на Амазон, Гугл и сличните на нив веќе работат на начини да ги неутрализираат.

Плаќање данок со вреќи пари