1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со вонредна состојба до вонредни денови за вонредни избори?

13 мај 2020

Во следните денови ќе се бара временски бај-пас за завршување на подготовките за избори и нивниот датум.

https://p.dw.com/p/3c9Qi
Stichwahl in Nord-Mazedonien Wahllokal
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Следната лидерска средба е најавена за почетокот на идната седмица, а веќе во сабота на 16-ти мај завршува втората вонредна состојба. Ако не се прогласи нова вонредна состојба, изборните рокови кои беа прекинати со владина уреба продолжуваат да течат, а сите претходно преземени изборни дејствија се сметаат за важечки. ДИК во рок од еден ден по престанокот на вонредната состојба треба да донесе ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија.

Тогаш, каква е смислата на новата лидерска средба околу договарање за изборен датум, ако таа се случи во време кога изборните рокови продолжат да течат, а според нивната динамика изборите би требало да се одржат на 8-ми јуни?

Договорот за нова лидерска средба укажува дека во следните денови ќе се бара временски бај-пас за новиот изборен датум. Во моментов, тоа е единствено решение за да се купи времето кое му е потребно на ДИК за завршување на подготовките за спроведување на изборниот процес.

Повеќе:

Лидерската не донесе изборен датум

Избори на Видовден

Јавната дебата да се води со визии, а не со „бомби“

Изборите меѓу чекан и наковална

Колку време е потребно ќе зависи од изјаснувањето на ДИК, но и од Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР за временската рамка во која може да испратат набљудувачка мисија. Но, пред се, ќе зависи од мислењето на Комисијата за заразни болести за актуелна состојба со Ковид-19, како и за мерките и протоколите кои треба да се почитуваат при одржување на изборни процеси во време на пандемијата.

Ажурирање на списокот

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера изјави „дека е оптимист оти во текот на следната недела откако ќе ги добијат сите тие  информации, ќе може да бидат појасни околу првиот возможен датум за избори".

Практично, тие одговори треба да се најдат во завршувањето на вонредната состојба. Мицкоски, минатата недела изрази надеж дека по лидерската средба ќе следи состанок на правните експерти околу ова прашање. Засега не е најавена таква средба. Опозициската партија го поддржува ставот на претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, дека изборните дејствија треба да почнат од почеток, односно дека се потребни нови 50 до 60 дена. Ваквиот став не го делат сите членови во ДИК. Против се изјаснија и повеќе правни експерти, со став дека ДИК мора да ги спроведува Изборниот законик и владината Уредба со која се регулира прекинот на процесот. Според неа сите дејствија на ДИК до 21-ви март се во сила и важат, а процесот ќе продолжи со преостанатите 22 дена веднаш по завршувањето на вонредната состојба, без разлика кога тоа ќе се случи.

Nord-Mazedonien Skopje | Besprechung Coronavirus, Politiker
Политичките партии се разијдуваат околу датумот за избориФотографија: Cabinet of the President of N. Macedonia

И претседателот на Собранието во заминување, Талат Џафери, пред неколку дена изјави дека по завршувањето на вонредната состојба ДИК веднаш треба да продолжи со подготовка на изборите.

„ДИК е обврзана според решение на претседател на Собранието, а во случајов и според владината уредбата е должна да постапи по роковите како што застанала. Евентуално во однос на Избирачкиот список кој бил ажуриран до 12-ти април, државните органи, посебно МВР кај што е матичната служба, имат периодична обврска на три месеци да достават извештај за ажурирање на списокот. Изборниот законик вели дека сите граѓани кои до денот на изборите ќе наполнат 18 години мора да бидат на Избирачки список, по службена должност од списокот што ќе го достави ресорното Министерство до ДИК. Значи, тука нема никаков проблем", рече Џафери.

За опозицијата е спорна владината уредба

Според лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во случај, да се прогласи вонредна состојба во траење од една седмица изборите би биле на 14-ти јуни, ако е во трање од две седмици на 21-ви јуни, а при евентуална одлука за нови 30 дена вонредна состоба, избори би имало во првата недела од јули. Заев потенцира дека дури изборите да бидат и на 14-ти јуни, има 30 дена за да може да се испрати покана до ОБСЕ/ОДИХР за набљудувачи, но и неопходни 10 дена пред кампања за ДИК да продолжи ажурирањето на Избирачкиот список.

Но, опозициската ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со роковите што преостануваат за изборни дејства, со став дека тоа е надвор од уставните и законските рамки. Како што соопшти партијата, секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, во гостување на ТВ „Алфа" посочил дека уредбата со која ДИК  треба да ги продолжи изборите веднаш по завршување на вонредната состојба, излегува сосема од рамките на Уставот, и е надвор од рамките на Изборниот законик, а Владата влегува во уредување на едно прашање кое што не е во нејзина надлежност.

„Не знам кои се правните експерти  кои ги советуваат, но ако ние на ваков начин лицитираме со правото, сакајќи да користиме сила наместо правно рационално решение тогаш ние сме се вратиле едно 50-60 години назад во правна и политичка култура.  Тоа е тема која што треба да ја отвориме и понаму, начинот на кој што се носени уредби со законска сила кои што на ниту еден начин, немаат допирна точка со ниту еден аспект на оваа криза, ниту здравствена ниту економска и тоа ќе биде сериозна тема која треба да ја отвори следниот состав на Собранието“, изјави Муцунски.