1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сноуден тврди дека германската БНД е „под исто ќебе“ со НСА

ЕМФ/дв7 јули 2013

Дали американската тајна служба НСА соработувала со германската тајна служба БНД потесно отколку што досега беше познато? Едвард Сноуден го тврди токму тоа во интервју за „Шпигел“.

https://p.dw.com/p/193On
Фотографија: imago/INSADCO

Соработката меѓу американската тајна служба НСА и германската тајна служба БНД, според извештај на „Шпигел“, најверојатно била многу потесна отколку што досега се знаеше. НСА, на пример, на БНД и‘ лиферувала „алатки за анализа“ при надгледувањето од страна на БНД на приливи на податоци од странство, кои минуваат низ Германија, тврди „Шпигел“ на својата интернет страница. Поранешниот соработник на американските тајни служби Едвард Сноуден ги обвинува германските власти дека се вмешани во работата на НСА. Луѓето на НСА се „под исто ќебе со Германците“, вели Сноуден.

Во фокусот на БНД, меѓу другото, се наоѓа Блискоисточната рута, преку која течат пакети податоци, на пример од кризните региони, пишува „Шпигел“. БНД црпи информации од вкупно пет дигитални „станици на податоци“. Шефот на БНД Герхард Шиндлер ја потврди соработката со НСА пред членовите на парламентарното тело за контрола на работењето на тајните служби.

Сноуден во интервју за „Шпигел“ околу начинот на кој се апси осомничено лице кое е следено од тајната служба, вели: „Ние ги предупредуваме другите (тајни служби, н.з.) доколку некој кој сакаме да го фатиме користи некој од нивните аеродроми и тие потоа ни го испорачуваат. Другите власти не не‘ прашуваат од каде ги имаме укажувањата за лицето, а и ние не ги прашуваме за ништо.“ На тој начин политичарите не би морале да преземат одговорност доколку излезе на виделина дека „била повредена приватноста на луѓето“.

Edward Snowden auf der Flucht
Информациите на Сноуден доаѓаат дел по делФотографија: Reuters

Надлежната германска служба за одбрана од шпионажа во моментоов истражува во кој дел НСА го надгледувала интернет-комуницирањето во Германија. Првичните анализи, според шефот на оваа служба Ханс-Георг Масен, не донесоа јасност. „Досега немам сознанија дека клучните собирни точки на интернет се шпионирале од страна на НСА“, изјави тој за „Шпигел“.

Интервјуто со Сноуден е водено преку имејл. Американскиот експерт за шифрирање податоци Џејкоб Апелбаум и авторката на документарни филмови Лора Поитрас ги поставиле своите прашања преку  кодирани имејл пораки непосредно пред Сноуден да биде стане познат ширум светот со обелоденувањето на програмата за надгледување „Призма“.

Инаку, Сноуден се‘ уште се наоѓа на аеродромот во Москва. Владите на Венецуела, Никарагва и Боливија му понудија азил. Прашање е како Сноуден ќе стигне во тие земји, со оглед на тоа што веќе не поседува важечки пасош, кој му е анулиран од страна на САД.