1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Снежнобелата одаја и магијата на скандинавскиот дизајн

25 јануари 2021

Зошто од белите македонски одаи, уредени со малку мебел изработен од дрво, никој во Македонија да направи симбол за минималистичка естетика? Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/3oMS7
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Сношти, пред заспивање, доцна по полноќ ме  восхити глетката од прозорецот. Надвор беше започнала вистинска виулица. Онаква, каква што паметам само од детството. Помислив на земјите на Северот, каде што зимата, снегот и мракот се задржуваат долго. Се сетив на еден напис за  скандинавскиот мебел на кој сите му се восхитуваме. Се вели дека магијата на овој  дизајн се родила од тоа  што Скандинавците поминувале две третини од годината во своите домови. За  да ја уловат и најслабата светлина,  тие граделе куќи со големи прозорци. Создавале мебел кој ја следел природната форма. Помислив на чистите, минималистички  бели одаи во скандинавските куќи и на чудесно лесните форми  на мебелот. Тие не го заробуваат просторот, туку му даруваат  прозрачност и широчина. Скандинавските одаи сугерираат медитативност и спокој. Во биографијата на најпознатиот дански архитект и дизајнер за мебел, Арне Јакобсен (Arne Jakobsen 1902-1971) прочитав дека тој уште како момче ги варосал ѕидните тапети со викторијански мотиви. Затоа што  бил фасциниран од целосно белата одаја. Многумина во тоа го гледаат првиот проблесок на неговата минималистичка естетика. Сигурно било револуционерн акт тоа што момче на почетокот на дваесетиот век  класичните тапети ги заменило со скромната чистота на  снежнобелата  одаја. Не треба да се заборави дека Јакобсен сакал да стане сликар, но, по желба на татка си, станал архитект. Белата одаја не е само врвот на ликовната апстракција, туку и  израз  на минималистичкиот модерен стил.

Белите македонски одаи

Притоа,  мојата беловаросана одаја не  е онаа на Северот, туку на Југот. Белата скромна македонска  одаја за мене  е праурнекот на домот. Зошто од белите македонски одаи, уредени со малку намештај изработен од дрво, никој во Македонија да направи симбол за минималистичка естетика? Зошто никој не дојде на идеја да произведува модерна македонска керамика, создавајќи нови модерни облици од старите урнеци? Зошто македонските хотели уште се далеку од убавината и  светлината  што ја сугерираат скандинавските ентериери? Која е тајната на успехот на скандинавскиот дизајн, која им остана уште неоткриена на македонските дизајнери?

Други колумни од авторката:

Писателите и нивните ликови во романите

Наследените трауми, бугарската писателка Капка Касабова и јас

Љубовта за приказните во време на коронавирус

За лечебната моќ на литературата и на читањето

Модерниот дизајн во скандинавските земји  уште на почетокот на дваесеттиот век  се стремеше со функционалноста и убавината на формите да го олесни и разубави животот на обичните луѓе. Ако во минатото нордиските куќи биле  уредени едноставно, тоа повеќе се должело на скромните услови за живот. Овие земји биле  најчесто земјоделски, а начинот на живот во зависност од годишните времиња и работата на полето, не оставал многу можности за  раскошно украсување на домовите. Тоа значи, модерните скандинавски дизајнери од оскудноста направиле естетска вредност, преобразувајќи  ја во најсуптилна минималистичка естетика. Тие   умееја од  традиционалниот скандинавски стил да направат светски тренд.Од едноставно уредените одаи направиле визија за естетски редукционизам. Притоа, живеејќи постојано во длабока поврзаност со природата, модерните дизајнери на Северот успеаја да создадат дизајн инспириран од огранските облици. Такви се, на пример,  благите облици на столиците на Арне Јакобсен. На копија од неговата прочуена столица „Мравка“ (The Ant) седам додека ја пишувам колумнава. „Мравката” е врсничка со мене. Можеби затоа интуитивно се вљубил од првиот миг во сите нејзини варијатни. Јакобсен ја обликувал 1951-та  за кантината на данска  фабрика за лекови. Од 1952  оваа столица ја произведува  прочуената данска фабрика за мебел  Фриц Xанзен ( Fritz Hansen). Секако, совршенството во дизајнот  Јакобсен  го постигна со фотелјите „Јајце“ (Egg Chair,1956) и „Лебед“ (Swan Chair  1958), кои ги изработи за  САС ројал-хотелот во Копенхаген. Патем, за мануфактурата   Фриц Хансен мебел дизајнирал и Ханс Ј. Вегнер (Hans J. Wegner, 1914-2007), кој е познат по  China-Chair од 1944-тата, но и по 500 други совршено дизајнирани фотелји и столици, најчесто изработени во целост од дрво.

Ausstellungskonzept Between Time Showcase
Фотографија: David von Becker

Мебелот на  Данецот Арне Јакобесен или на  Финецот Алвар Алто (Alvar Aalto, 1898-1976)  е  синтеза на природниот  и уметничкиот облик.  Затоа овој дизајн е толку популарен и по еден век. Денес  нема човек кој нема барем едно парче скандинавски мебел во својот дом. Фотелјите кои  Алвар Алто ги создаде 1931-та за санаториумот  во кој се лекувале болни од туберкулоза во финскиот град Паимио (Paimio), се обликувани од дрво и текстил, чие седиште вибрира, затоа што го држат извиени дрвени држачи. Алто  употребувал најчесто само дрво, текстил и кожа. Тој создаде естетски облик  кој совршено одговара на  функцијата. Болните од туберкулоза со часови требало да лежат во фотелјите. Затоа тој ги обликувал фотелјите како удобни лебдечки  столици-лулашки. Денес фотелји  инспирирани од  прочуената Paimio Chair  на Алвар Алто може да се купат по скромна цена во најголемата шведска продавница за мебел. Затоа нив ги  има во речиси секој  дом низ целиот  свет.

Соновите за лажен барок

И нашите  македонски дедовци и прадедовци го владееја дрводелството. Затоа што тие често не само што ги градеа самите своите куќи, туку го правеа и сиот мебел рачно. Нам ни е отсекогаш позната скромната беловаросана одаја. Но во нашето културално паметење таа скромна македонска бела одаја не ја доживуваме како праурнек за  минималистичка естетика, туку само како симбол за сиромаштија. Затоа новите  македонски богаташи сонуваа за  лажен барок. Но во  таква околина, умот тешко може да се ослободи и да сонува за чисти форми, како што може кога се наоѓа во полупразната, скромна македонска бела одаја, која сите ја паметиме од детството. Таа може навистина да  биде праурнек за македонската минималистичка естетика на просторот  за оние уметници, кои  самите се ослободени од тежината на маниризмот и на епигонството. Како момчето Арне Јакобсен во Копенхаген на почетокот на дваесеттиот век  во својата снежнобела одаја на Северот.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.