1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смртоносен напад врз суд во Исламабад

СН/ат/дпа/миа/ртр/афп3 март 2014

Очевидци за светските новински агенции говорат дека во судот во пакистанскиот главен град најнапред се случила експлозија, а потоа повеќе вооружени лица упаднале во зградата и отвориле оган.

https://p.dw.com/p/1BIUf
Фотографија: Reuters

Најмалку 11 лица загинаа, а најмалку 20 се повредени во напад извршен утрината (03.03.2014.) врз суд во главниот град на Пакистан, Исламабад. Меѓу загинатите е и еден судија, како и неколку адвокати, а голем број лица се здобиле се тешки повреди.

Очевидци говорат дека во судот најнапред се случила експлозија, а потоа повеќе вооружени лица упаднале во зградата и отвориле оган. Пакистанската полиција соопшти дека меѓу напаѓачите имало и бомбаши – самоубијци, кои активирале две бомби во зградата на судот. До сега ниту една група не ја презела одговорноста за најновите напади, а напаѓачите успеале да побегнат, изјави шефот на полицијата во Пакистан Сикандар Хајат. Пакистанските безбедносни сили го обезбедиле местото на нападот, а околните училишта биле евакуирани.

Портпаролот на полицијата, Наби Аван, истакнал дека не е познат бројот на напаѓачите кои успеале да влезат во судскиот комплекс во кој биле сместени канцеларии на судии и адвокати, а двајца од напаѓачите откако биле пресретнати од страна на полициските службеници, активирале бомби и се разнеле. Снимките на пакистанските телевизии покажуваат разнесени прозорци, урнати ѕидови и спасувачи кои ги изнесуваат мртвите и повредените од објектот.

Pakistanische Kampfjets F-16
Фотографија: Aamir Qureshi/AFP/Getty Images

Едномесечно примирје?

Инаку вчера пакистанската влада најави дека привремено ќе ги запре бомбардирањата на позиции на пакистанските талибанци. Со ова таа реагираше на најавата на талбинците за едномесечен прекин на огнот, со цел продолжување мировните преговори со владата во Пакистан.

Министерот за внатрешни работи на Пакистан, Нисар Али Кан меѓутоа потенцираше дека во случај на ново насилство, владата ќе реагира веднаш.

Аналитичарите ваквата постапка ја дочекаа со скептицизам бидејќи сметаат дека можеби станува збор за тактика која има цел талибанците „да купат“ време за прегрупирање по претрпените тешки загуби во воздушните напади, пренесува АФП.

Дијалогот помеѓу Исламабад и пакистанските талибанци, кој почна минатиот месец, беше прекинат откако талибанските бунтовници убија 23 војници.

Војската одговори со низа воздушни напади во кои загинаа повеќе од 100 бунтовници. Министерот Кан уште истакна дека „владата смета дека објавата на талибанците за прекин на насилствата е позитивен развој на настаните“.