Смртна опасност од загадениот воздух
25 март 2014Загадувањето на воздухот, почнувајќи од огнот на кој се готви, до издувните гасови од автомобилите, во 2012 година ја предизвикале смртта на седум милиони лица, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО).
Марија Неира, шеф на одделот за јавно здравје во СЗО, напоменува дека денес аерозагадувањето, како во затворен простор, така и на отворено, е еколошки проблем што најмногу влијае врз здравјето, а тоа ги погаѓа сите - и развиените и неразвиените земји.
На глобално ниво, секоја осма смрт во 2012 година може да му се припише на загадувањето на воздухот, укажува најновото истражување на СЗО. Ова загадување предизвикува смрт од инфаркт, мозочен удар, рак на белите дробови и други градни болести.
Најзагрозени подрачја се југоисточна Азија, каде се наоѓаат Индија и Индонезија, како и областа на западен Пацифик, во која се опфатени Кина, Јужна Кореја, Јапонија и Филипини.
Во 2012 година овие два региона регистрираа 5,9 милиони смртни случаи чија причина е аеро загадување.
„Има малку ризици кои денеска се од поголемо влијание врз глобалното здравје од загадувањето на воздухот. Показателите укажуваат дека е нужна синхронизирана акција за чистење на воздухот што сите го дишеме“, истакнува Неира.
Според податоците на СЗО, околу 2,9 милијарди луѓе во сиромашните земји живеат во куќи во кои огнот е главниот метод на готвење и греење. Овие луѓе своите домови ги претвориле во „комори за согорување“, истакнува експертот на СЗО, Карлос Дора.
СЗО апелира до владите да инвестираат повеќе пари во прочистувањето на воздухот, што долгорочно се исплаќа преку намалување на трошоците за здравството.