Смртна закана до обвинителот Јовески: Нема да ме заплашат!
27 јануари 2022Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, добил смртна закана доколку не биде запрена постапка за еден конкретен предмет. Ваквата информацијата што вчера ја објави „А1 он“, обвинителот Јовески ја потврди во кус разговор за ДВ.
Станува збор за закана која стигнала преку препорачано писмо адресирано лично до обвинителот Јовески, испратено по пошта од Битола. Писмото тој го добил вчера, пред крајот на работното време. Обвинителот беше воздржан во подетално објаснување на содржината на писмото, но потврди дека во него се барало Обвинителството да ја запре постапкатата против лица во конкретен предмет, а во спротивно, доколку тоа не биде сторено, била испратена смртна закана за него.
„Такви закани нема да ме заплашат во постапувањето по конкретни предмети и примена на законот“, изјави Јовески за ДВ.
Припадник на терористичка организација
Обвинителот не сакаше да посочи за кој предмет заканувачот барал запирање на постапката, освен дека писмото било напишано на македонски и на англиски јазик, и дека испраќачот се претставил како припадник на одредена терористичка организација.
Со оглед дека станува збор за препорачано писмо, обврска при испраќање на таква поштенска пратка е на неа да стои името на испраќачот. Така, и во случајот со заканувачкото писмо до Јовески, фигурирало име на лице кое наводно го испратило писмото, што воопшто не мора да значи дека тоа е и вистинскиот идентитет на испраќачот.
Според поштенски службеници, доколку има камера во поштенскиот објект од каде што е испратено писмото, може да се утврди идентитетот на испраќачот, со оглед дека прецизно се бележи времето (датум, час, минута) кога поштенската пратка/писмото било предадено во поштата и примено за нејзино натамошно доставување.
Во текот на вчерашниот ден Јовескине ја пријавил заканата во МВР, а тоа најверојатно ќе го стори денеска. Обвинителот вели дека во текот на неговата досегашна работа досега никогаш не добил писмо или вербална закана со ваква или слична содржина.
И Русковска добила закана?
Но, ДВ неофицијално дознава дека во последниот период имало најмалку два такви случаи, со кои се соочиле други обвинители. Пред десетина дена, анонимна закана преку писмо наводно добила и шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска. Бидејќи досега немаше официјална информација за тоа, не е познато дали заканата била пријавена во МВР и дали е откриен нејзиниот испраќач. Пред неколку месеци закани добила и обвинителка во едно основно јавно обвинителство од внатрешноста, по што ѝ било дадено обезбедување.
Обвинителот Јовески има право на обезбедување во текот на работното време, а доколку со безбедносна проценка се утврди поинаку, тој може да добие и 24-часовно обезбедување. Тој по свое барање досега не користел обезбедување ни во текот на работното време.
Засега е неизвесно дали Јавното обвинителство на РСМ денеска ќе се огласи со соопштение и со повеќе детали во врска со заканата упатена до Јовески. Во моментов, на сајтот на ЈОРМ последната информација поврзана со Републичкиот јавен обвинител датира од 21-ви јануари, кога тој оствари средба со новиот министер за правда, Никола Тупанчески. На средбата тогаш, меѓу другото, разговарале за измената на повеќе закони кои во претстојниот период треба да овозможат непречено функционирање на работата на јавните обвинителства, за неопходноста од кадровска доекипираност и финансиска независност на ЈО, за зајакнување на внатрешните контролни механизми и за осовременување на системот за распределба на предметите. Во таа прилика Јовески го запознал министерот за правда со донесениот правилник за начинот на оценување на работата на јавните обвинители.