1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сметката на Вучиќ се оствари

Драгослав Дедовиќ/превод: Ж.А. 26 април 2016

Во Србија останува речиси се‘ по старо, партијата на Александар Вучиќ третпат во четири години стана најсилна во Парламентот. Опозицијата останува немоќна, смета Драгослав Дедовиќ.

https://p.dw.com/p/1IcFV
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Sulejmanovic

Александар Вучиќ калкулираше дека луѓето на изборите ќе ја потврдат неговата политичка надмоќ и дека ќе му подарат поголем маневарски простор. Првите резултати на вонредните парламентарни избори покажуваат дека воглавно, сметката му беше точна. Тој веројатно ќе ја прошири власта и на Војводина, а неговото апсолутно мнозинство на државно ниво веќе не е под прашање.

Додуша, тој и во 2014 година можеше самостојно да формира влада, но ги избра Социјалистите. Во коалиција човек може себе си да си ги припише заслугите, а на другиот грешките, па коалицијата со нешто ослабените Социјалисти и овојпат е веројатна.

Ивица Дачиќ е успешен, зашто не загуби премногу проценти. Тој ќе остане скромен во коалициските преговори, зашто е доволно искусен да сфати колку му падна пазарната цена. Моќен е оној кој може слободно да бира, а таа слобода пак ја има само Вучиќ.

Шешељ не е опасен за Вучиќ

Војислав Шешељ, кого многумина во националистичкиот спектар го гледаа како Свети Ѓорѓија кој го прободува хашкиот змеј, не успеа да го преточи медиумското внимание во двоцифрен резултат. Меѓутоа, и овие осум проценти се доволни за во Собранието да ја врати познатата мешавина од несолени шеги и вербални испади. Но, тој не може да биде опасен за Вучиќ. Дури, во добра мерка тој е корисен за премиерот, како предупредување до Запад и до регионот, дека единствено валада на чело со Вучиќ е гарант на европска Србија.

Dragoslav Dedovic Kommentarbild App
Драгослав Дедовиќ

Опозицијата, составена од изненадувачки виталниот Радуловиќ и плејада потрошени политичари настанати со цепење на Демократската партија, останува немоќна. Мала бара - полно крокодили. Таа немоќ не може да се објасни единствено со доминацијата на Вучиќ. Неспособноста да го сфатат потенцијалот на политичка синергија, да го зауздаат сопствениот хипертрофиран его и да се договорат за заеднички настап, повторно се покажа како најголем сојузник на нивниот политички противник - сеприсутниот премиер. Владата која има таква опозиција, не мора да се грижи за иднината.

Има ли алтернатива?

Вучиќ, значи, со Социјалистите или без нив, во следните четири години ќе биде апсолутен политички господар на Србија. Надворешнополитичкиот курс останува непроменет- постојаната мантра за Србија во Унијата по потреба ќе биде комбинирана со повремено намигнување кон Москва. Вучиќ во регионот ќе избегнува грешки од било каков судир, тоа радо ќе им го препушти на соседските политичари, посебно на Косово и во Хрватска. Суровите реформи кои без сомнение ги очекуваат граѓаните на Србија Вучиќ ќе ги спакува во фрази за жртви кои мора да се поднесат во име на иднината. Победникот веќе најави: нема да има рози, мед и млеко. Вучиќ и натаму ќе биде официјално заштитник на медиумскиот плурализам, кој неофицијално вешто управува со главните правци на известување.

За сите луѓе кои се понадеваа дека можеби постои алтернативна на Вучиќ, ситуацијата е безизгледна. Но, судејќи според првите реакции на задоволните опозициски лидери, таа ситуација воопшто не е сериозна. Имено, на поразените политичари не им паѓа на памет, по примерот на понекој политичар од странство, да се повлечат од работата која очигледно ја извршуваат без значајни резултати. Како одговор на натамошната ерозија на сопствениот политички простор, тие веќе истакнуваат намера да продолжат како и досега.