1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сменет Рахој, Санчез нов шпански премиер

ЖА / агенции
1 јуни 2018

Парламентот во Мадрид со гласање недоверба ја собори владата на Маријано Рахој, социјалистот Педро Санчез ќе биде нов шпански премиер.

https://p.dw.com/p/2ynK4
Spanien Madrid - Ministerpräsident Rajoy per Mistrauensvotum gestürzt
Фотографија: Reuters/S. Perez

Шпанскиот парламент денеска му изгласа недоверба на премиерот, против 63-годишниот Маријано Рахој гласаа 180 од вкупно 350 пратеници, подржувајќи го предлогот на шефот на Социјалистите, Педро Санчез. На ваков начин, 46-годишниот Санчез станува автоматски нов шпански премиер. Ова е првпат во демократската историја на земјата еден премиер да биде сменет преку гласање недоверба.

Рахој во парламентот изјави дека му била чест да биде премиер на Шпанија. и го радува што зад себе ја остава земјата во подобра положба отколку при неговото стапување на функцијата, со оглед на економскиот подем на порано кризната држава, постигнат преку реформи и планови за штедење.

Spanien | Parlamentsdebatte zum Misstrauensvotum gegen Ministerpräsident Rajoy | Pedro Sanchez
Пердо Санчез пред тешки задачиФотографија: Getty Images/P. Blazques Dominguez

Санчез го очекуваат напорни времиња, неговата Социјалистичка партија по парламентарните избори во Шпанија во 2016. година излезе како губитник, располага со само 84 пратенички мандати. Конзервативната Народна партија, предводена од Рахој, кој на премиерската функција е од 2011. година, има 134 пратеници, што овозможуваше малцинска влада. Санчез веќе навести дека во предвидливо време ќе следат нови парламентарни избори.

Социјалистите при гласањето доверба за владата во парламентот беа поддржани од левиот сојуз Унидос Подемос, кој располга со 67 пратенички места, и од повеќе регионални партии, меѓу другите и од сепаратистичката провинција Каталонија, како и од баскиската ПНВ. Либералната Граѓанска партија, која бараше оставка од Рахој и нови избори, гласаше за Рахој.

Економскиот експерт Санчез го постави прашањето за импичмент на владата како реакција на судските пресуди во корупциските афери поврзани со партијата на Рахој. Минатата недела Народната партија беше осудена да плати казна од 245.000 евра, а на повеќемина поранешни партиски функционери им беа изречени делумно повеќегодишни затворски казни. По крајот на диктатурата на Франко во 1975. година, ова е четврто гласање за доверба, претходните три беа неуспешни, последен пат партијата Подемос во јуни 2017. година не успеа преку гласање да ја собори владата на Рахој.