1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Случајот Вархеји: Човекот на Орбан во Брисел

Кено Верзек
8 јуни 2022

Еврокомесарот за проширување, Унгарецот Оливер Вархеји, всушност треба да ја застапува политиката на Брисел. Но, тој на Западен Балкан ја спроведува агендата на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

https://p.dw.com/p/4CPJp
Еврокомесарот Оливер Вархеји говори пред Европскиот парламент во мај 2022 година
Еврокомесарот Оливер Вархеји говори пред Европскиот парламент во мај 2022 годинаФотографија: Dwi Anoraganingrum/Geisler-Fotopress/picture alliance

Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, уште еднаш ја понижи ЕУ. Во расправата за шестиот пакет санкции на ЕУ против Русија, се закани со вето доколку патријархот на Руската православна црква, Кирил, не биде симнат од списокот санкции.

Брисел попушти пред барањата на Орбан во обид пакетот брзо да се усвои - и покрај тоа што Кирил е докажано заговорник на војната и веќе постојат гласови кои бараат да биде обвинет за поддршка на руските воени злосторства во Украина. Орбан на овој начин ја срами ЕУ веќе со години. Често предизвикува бес во Европа - како што е во моментов случај со неговиот про-Путин став. Но, една област во која Орбан агитира речиси незабележано е проширувањето на ЕУ и политиката кон соседите. Унгарија во 2019 година доби ресор за тоа, еден од поважните во Европската комисија. Со него управува Оливер Вархеји. Овој 50-годишен адвокат, дипломат и долгодишен човек од доверба на Орбан, се претставува во светот како лојален еврокомесар. Всушност, тој се однесува како соучесник на идеите за проширување и за политиката кон соседите на Орбан.

Стратешки игри на Орбан

Унгарскиот премиер е еден од најрешителните застапници за брзо пристапување во ЕУ на земјите од Западен Балкан. Него го поврзуваат пријателски односи со автократите во регионот, а најмногу со српскиот претседател Александар Вучиќ. Заедничко им е: немаат интерес за вистински реформи на правната држава и достојна демократија.

Калкулацијата на Орбан е кога само формално европски ориентираните земји од Западен Балкан, како Србија, брзо би станале членки на ЕУ, би ја засилило позицијата на Орбан во ЕУ и би ги ослабнало неговите противници во Брисел.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан на Самитот на ЕУ во Брисел на 30 мај 2022
Унгарскиот премиер Виктор Орбан на Самитот на ЕУ во Брисел на 30 мај 2022Фотографија: KENZO TRIBOUILLARD/AFP/Getty Images

Досега политиката за проширување на Орбан и на неговиот соработник Вархеји не беше тема за пошироката европска јавност. Бидејќи, реалното сценарио за проширување во последните години е сѐ подалечно. Поради тоа, стратешките игри на Орбан во регионот на Западен Балкан правеа проблем, но не создаваа голема загриженост.

Пофалби за авторитарните лидери

Сепак, тоа би можело да се промени со руската агресивна војна во Украина. Кремљ дого спроведуваше деструктивна и дестабилизирачка политика во некои земји од Западен Балкан. Стравот од насилна ескалација во регионот ја поттикна ЕУ, и пред сѐ германската дипломатија, своето внимание повторно да го насочат кон земјите од Западен Балкан. Германските министерки Аналена Бербок и Кристине Ламбрехт веќе го посетија регионот во последните недели, а сојузниот канцелар заминува во посета неделава. Повеќе внимание, нова соработка, поддршка за вистинските реформски политики и нивните претставници, иницијативи против национализам и сепаратизам, е идејата да се спречи оддалечување на земјите од Западен Балкан од ЕУ.

Сепак, со тоа германската дипломатија оди во конфронтација со политиката на Орбан за Западен Балкан и постапките на неговиот човек од доверба Оливер Вархеји. Критиките на сметка на отсуството на реформи во регионот од комесарот за проширување на ЕУ не можат да се слушнат. Напротив: Вархеји ги фали авторитарните лидери, како српскиот Вучиќ, или неговиот црногорски колега Мило Ѓукановиќ, за нивната наводно успешна политика за интеграција во ЕУ. Понекогаш комесарот за проширување се однесува како лобист на западнобалканските моќници.

На почетокот на годината, Виола фон Крамон, претставничка на партијата Зелени во Европскиот парламент, беше коиницијатор на протестното писмо од 30 европарламентарци упатено до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Тие во писмото повикаа на внатрешна истрага на ЕУ за активностите на Вархеји. Причина за тоа беше контроверзниот самостоен чекор на комесарот за проширување со политичкиот лидер на босанските Срби, Милорад Додик, кој е член на тричленото Претседателство на БиХ. Додик со години го доведува во прашање постоењето на државата Босна и Херцеговина и се заканува со отцепување на Република Српска. Вархеји очигледно се договорил со Додик на крајот на минатата година за временскиот момент на сепаратистичките иницијативи на босанските Срби.

Европратеничката од редовите на Зелените, Виола фон Крамон
Европратеничката од редовите на Зелените, Виола фон КрамонФотографија: DW

Не против интересите на Унгарија

Но, протестите на европските парламентарци стивнаа - Урсула фон дер Лајен не одговори на писмото. „Таа не би станала претседателка на Комисијата без поддршка од Орбан“, вели Виола фон Крамон. „Веројатно тоа е причната зошто гледа настрана како стратегија за решавање на проблемите. Во секој случај, мислам дека портфолиото за проширување никогаш не требаше да му биде доделено на Орбан“, вели таа.

Меѓутоа, унгарскиот премиер не остава никаков сомнеж дека сака да игра клучна улога во обликувањето на политиката за проширување на ЕУ во иднина - или, ако е потребно, ќе ја блокира. „Берлин и Брисел не можат да водат балканска политика против Унгарците, но ни без нив“, рече Орбан во февруари. „Не прифаќаме никакви одлуки на Брисел кои се спротивни од интересите на Унгарија“, порача тој.