Случај Сони - холивудскиот систем во опасност
21 декември 2014Анонимна хакерска група се закани со атентат, потсетувајќи веднаш на 11 септември 2001 година, за на заканата да и‘ даде потребна драматика. Целта - да се спречи емитувањето на холивудскиот филм во кој се исмева севернокорејскиот диктатор Ким Јонг Ун. Концернот прво реагираше со одлука да им препушти на кината дали ќе го прикажат филмот „Интервју“ или не. Накратко потоа, стигна веста - филмот воопшто нема да стигне во кината.
Сони ги отпиша трошоците за производство, се откажа и од заработувачката, станува збор за околу 42 милиони долари. Не вродија плод ни апелите на познати личности да не се потклекнува пред анонимните хакери. Меѓу оние кои реагираа беше и бразилскиот бестселер-автор Паоло Куељо, кој понуди филмот да го прикаже на својата интернет страница, за што на Сони би му платил симболична сума од 100.000 долари. Готовиот филм „Интервју“ веројатно ќе влезе како едно од најголемите непознати дела во историјата на киното.
Сатира или крш?
Независно од тоа дали е филмот извонредна политичка сатира, во што се убедени малкутемина критичари кои имале прилика да го видат, или се работи за комедија од просечната холивудска продукција, што исто така се слуша, реакцијата на Сони е опасна. И, има последици и по киното. Зашто, за разлика од поранешните протести и закани, на пример против книги како „Сатанските стихови“ на Салман Ружди или карикатирите на Мохамед на еден дански карикатурист, актуелниот случај би можел да има покрупни последици, морални, но и економски.
Книгите не е можно да се забранат, барем не во цел свет. На било каков начин луѓето доаѓаат до цензурираните изданија, до забранетите текстови и книги повлечени од продажба. Ни карикатурите не можат трајно да се спречат. Музиката, исто така операта и театарот, не се толку многу на удар, затоа што се поврзани најчесто потесно со одреден јазичен простор. Уметноста и културата се дотолку повеќе повредливи ако се работи за глобални рамки, како кај холивудските филмови.
Можно е да се спори и дали холивудската продукција воопшто спаѓа во уметност. Или дали видот комедии, во кој спаѓа „Интервју“, а е посебна мешавина од смешни елементи и сатира, од самоиронија и евтини елементи, воопшто има нешто заедничко со уметноста. Но, исчезнувањето на филмот „Интервју“ од светскиот кино-пазар е забележителен настан. Тој може да го потресе Холивуд од темели.
Не се очекува сигурно примерот на анонимните хакери со нивниот успешен сајбер-атак сега да го следат и други, атакирајќи врз секој на некаков начин критички насочен филм. Но, во догледно време тоа може да се случи. На тоа укажуваат реакциите на други филмски продуценти од Холивуд, како и на самоцензура. Режисерот Стив Карел, кој во својот нов филм исто така сакаше синеастички да ја нападне Северна Кореја, веќе го откажа проектот. Големите холивудски студија во иднина двапати ќе размислат пред да аминуваат некое сценарио во кое на заб е земена некоја диктатура во светот.
Кино-приходите како залог
Сајбер-терористите имено имаат нешто цврсто в рака. Притоа, не се работи во прва линија за нивни закани кон продуцентите и режисерите политички да не преминуваат граници. Се работи за пари. Глобално активните американски филмски концерни и јапонскиот концерн Сони, кој во меѓувреме е неразделен дел од Холивуд, се неразделно зависни од гледаноста и успешноста на нивните филмови во светски рамки. Ако интернет-терористите се закануваат со вакви атентати, како во актуелниот случај, тогаш имаат во иднина лесна игра. Зашто, не мора да остане на празни закани. А концерните секогаш ќе мора прво да размислат дали загубите се егзистенцијално сериозни. „Интервју“ беше, според холивудски мерила, еден помал филм. Но, ако нешто се случи, киното како бизнис тежок милијарди, ќе претрпи многу поголеми штети, а притоа се во прашање повеќе отколку 42 милиони долари.
Каква е поуката? Прво, на виделина излегува големата повредливост на глобалните концерни, во областа на културата посебно изразена кај киното. Освен тоа, се покажува и темната страна на интернетот и активистите криминалци. Случајот „Интервју“ нема да биде последен од овој вид.