1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слободан Милошевиќ изутрината е пронајден мртов во ќелијата на истражниот затвор во Шевенинген

Зоран Јордановски11 март 2006

Претставник на Трибуналот во Ден Хаг ја потврди веста за смртта на поранешниот југословенски и српски претседател

https://p.dw.com/p/Ac8F
Слободан Милошевиќ
Слободан МилошевиќФотографија: AP

Милошевиќ, според судот, очигледно починал од природна смрт. Но, во секој случај целата работа ќе биде поточно испитана. Судот стапил во контакт со семејството на починатиот. Веста за смртта на Милошевиќ прва ја јави белградската радио-станица Б92, а прво беше потврдена од неговата Социјалистичка партија на Србија.

65-годишниот Милошевиќ подолго време боледуваше од висок крвен притисок и срцеви тегоби. Поради тоа неодамна бараше да му биде дозволено да отпатува на специјалистички третман во Москва. На 22-ри февруари тој го извести судијата Патрик Робинсон дека не се чувствува добро и не може да продолжи со испитување на сведоците. Два дена подоцна Судот го одби барањето на Милошевиќ за лекување во Русија, каде инаку живеат неговата сопруга и синот.

Во истражниот затвор на Судот на ОН за воени злосторства во некогашна Југославија Слободан Милошевиќ се наоѓаше од летото 2001-ва година. Процесот против него започна пред 4 години и поради неговите здравствени тегоби мораше да биде повеќе од 20 пати прекинуван. Слободан Милошевиќ никогаш не го призна судот и поради тоа се бранеше сам без поддршка од сопствени адвокати.

„Ова судење има за задача да произведе лажно оправдување за воените злосторства на НАТО-пактот сторени во Југославија“ – зборуваше Милошевиќ во судот.

Главниот обвинител на Трибуналот Карла дел Понте го товари за геноцид во Босна и Херцеговина, воени злосторства во Хрватска и на Косово, и за злосторства против човештвото. Смртта на најистакнатиот од обвинетите е тежок удар за неа. Карла дел Понте ќе мора да се соочи со прекори дека не ја сфати доволно сериозно болеста на Милошевиќ.