1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слим си замина, надежта за нови инвеститори остана

Милчо Јованоски 3 април 2012

Доаѓањето на мултимилјардерот Карлос Слим ги подгреа надежите за нови странски инвестиции во Македонија. Парите нема да стигнат преку ноќ. Но, за експертите ова е добар потег, од кој ефектите ќе се видат подоцна.

https://p.dw.com/p/14WpA
Фотографија: MIA

Напорите на Владата на Република Македонија да привлече нови инвестиции и да го крене рејтингот на земјата не спласнуваат. Со денови локалните и медиумите во регионот пишуваа за посетата на најбогатиот човек на светот Карлос Слим. Мнозина со посетата и копретседавањето со работниот состанок на Комисијата за широкопојасен и дигитален интернет за миг помислија дека дел од неговите инвестициски долари ќе стигнат и во Македонија.

Магнатот „тежок“ 69 милијарди долари, на завршната прес-конференција рече дека е прерано да се зборува за инвестиции во Македонија, но: „Мислам дека визијата на владата е мошне јасна. Таа ја води државата напред. Го видов владиниот тим како работи и во викенд и мислам дека прават добра работа. Би сакал што поскоро да се вратам тука“.

Carlos Slim
Карлос СлимФотографија: AP

Во Македонија и Охрид Слим допатува со група пријатели – бизнисмени, а на ИТ средбата присуствуваа претставници од: Австралија, Руданда, Италија, Фрнација, САД, Сингапур, Србија, Катар, Јужна Кореа и Финска. Тука беа и претставниците на Организацијата за економска соработка и развој, УНЕСКО, ИТУ и Европската комисија. Во контакт со владиниот тим беа и претставниците на мултинационалните компании од информатичката технологија: „Телефоника“, „Циско“, „Алкател“, „Ериксон“.

Македонија има информатичка иднина

„Импресиониран сум од ова што го гледам во Македонија. Има најмалку три работи што ќе бидат силен поттик за привлекување странски инвестиции во ИТ секторот“ ни изјави Бруно Ланвин од компанијата ИНСЕАД -Бизнис училишта за светот и дополни:

„Првата е важноста што оваа Влада и ја посветува на сферата на информатичката технологија. Има силно разбирање за тоа каков е потенцијалот за економски раст, за создавање работни места за младите. Втората работа е квалитетот на луѓето што е вклучен во оваа индустрија, во владата, на факултетите. Луѓето вложуваат многу енергија и квалитет во промовирањето на ИТ во Македонија. Трето што не мора да е и последно е фактот што помалите земји како Македонија можат да бидат поагилни, за разлика од далеку поголемите земји, полесно, побрзо и поквалитетно да ги спроведат најновите стратегии во информатиката и тоа преку ноќ. Тоа Македонија ја прави поконкурентна на пазарот на привлекување странски инвестиции“.

Компанијата „Интел“ е веќе партнер во неколку проекти на Владата. Преку неа се спроведе проектот: „Компјутер за секое дете“. Во Македонија наскоро ќе реализираат уште еден Владин проект со помош на мобилните оператори – доближување на интернетот до луѓето со ниски лични примања. Ќе се нудат ефтини компјутерски конфигурации, лаптоп компјутери и интернет.

Jon Davies Vizepräsident der Firma "Intel"
Џон ДејвисФотографија: DW

„Ние забележуваме дека важните индикатори на проценителите од Светска банка и Организацијата за економски развој и соработка покажуваат дека Македонија се движи кон едно нагорно ниво. Тоа ни дава надеж, дека тука има место за размислување за поголеми инвестиции“, вели Џон Дејвис, вицепретседател на „Интел“.

Одеднаш нема да тече мед и млеко во инвестициите

„Ги слушав коментарите на одделни луѓе, учесници кои беа исклучително позитивни. Тоа не се луѓе кои зборуваат од куртоазија и делат комплименти туку - така. Нивните оценки, прашања и коментари делуваат охрабрувачки. Се разбира не треба да се шири некоја фама во јавноста дека нивното присуство тука ќе значи и дека веднаш ќе течат пари, мед и млеко од странство“, вели Срѓан Керим, поранешен претседател на Генералното собрание на ООН.

Srdzan Kerim mazedonischer Unternehmer
Срѓан КеримФотографија: DW

Керим смета дека Македонија треба и натаму да ја промовира економската и развојната политика, која, како што е поставена е интересна за бизнис светот, само треба да ја слушне и препознае. Така треба да се гради стратегијата, која подоцна би донела плодови, вели Керим. Јавноста поделена дека времето во Македонија ќе се мери пред и по богаташот Слим. А за други ова е уште е ден обид од типот: „Дојдов, видов, заминав“.