1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полни болници во најзагадениот град во Европа

БГ
1 февруари 2019

Сѐ повеќе деца не посетуваат настава, а во болниците речиси и да нема слободни кревети поради енормното загадување во Скопје, кое важи за најзагаден главен град во Европа, пишува агенцијата Франс прес.

https://p.dw.com/p/3CUOc
Mazedonien Smog in Skopje
Фотографија: picture-alliance/AA/N. Batev

„Ова веќе не е хумано“, вели Марина, мајка која била принудена да земе два месеца неплатено отсуство од работа за да остане со својот 16-месечн син Давид во болница.

„Се роди здрав. Немаше никаков проблем. А сега веројатно се соочува со астма до крајот на животот“, вели таа за својот син, кој е на лекување поради тешка астма предизвикана од отровниот воздух.
Давид е меѓу повеќе од 100 деца кои се лекуваат на Институтот за дишни болести во Скопје. Најмалиот пациент има само два месеци. Државата нема податоци за тоа колку деца побарале медицинска помош поради загадувањето.

Лекарите велат дека децата и постарите се најранливи на загадениот воздух - мешавина од греење на домаќинствата, издувните гасови од возилата и тешката индустрија.

Недоволни мерки

И географијата игра улога. Скопје е во котлина опкружено со високи планови поради кои смогот дополнително се задржува.

Два последователни дена минатата недела концентрацијата на ПМ10 честичките изнесуваше над 188 микрограмови на метар кубен- речиси четири пати над границата која ја препорачува Светската здравствена организација.

Владата одлучи поради тоа да го одложи почетокот на учебната година за два дена. Дополнително, беа запрени градежните активности, а јавниот превоз беше бесплатен за сите.
Но, многу жители сметаат дека овие мерки не се доволни за справување со проблемот, ниту со причините за него.

„Два дена откажано училиште во три месеци на екстремно загадување- само во друг универзум тоа може да се смета за сериозна мерка“, вели Драги Змијанац од Меѓаши.

„Во постојан контакт сме со болниците, со учителите во школите, и ова е проблем број еден во Македонија“, вели тој.

Mazedonien Skopje Smog
Греењето на дрва и тешката индустрија се најголеми загадувачи во СкопјеФотографија: DW/Petr Stojanovski

Нема слободни кревети во болниците

Во меѓувреме, болниците остануваат без слободни кревети поради навалицата на пациенти кои имаат респираторни проблеми, вели Дејан Докиќ, директор на клиниката за пулмологија.

„Состојбата не е добра. На клиниката повеќе немаме слободни кревети, некои пациенти се третираат во амбуланти“, вели Докиќ за АФП.

Македонската влада смета дека греењето на дрва и други отровни материјали е најголем причинител на смогот, и дека тоа придонесува за околу една третина од отровните емисии.
Но, критичарите велат дека зад овие бројки се крие лошо градско планирање и широко распространета сиромаштија.

Според анкета на УНДП спроведена во 5.044 домови, повеќе од третина од жителите во центарот на градот ги греат своите домови со апарати на дрва, од кои најголемиот дел се неефикасни и многу загадуваат. Втората третина од испитаниците признаваат дека тие самите или нивните соседи користат опасни материјали кои ги пронаоѓаат на градилишта или отпади, како гуми или пластично ѓубре.

„Луѓето мислат дека затоа што користиме дрво за греење во зима, дека немаме свест за животната околина, дека сме дивјаци“, вели Велко Трајчев, градежен работник од населба во Скопје.

Mazedonien Luftverschmutzung in Skopje
Редовна зимска панорама на СкопјеФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Дрвата како единствен спас

„Тоа не е точно. Ние само немаме друга опција да преживееме“. Трајчев е вдовец со месечна плата од 150 евра кој се грижи за две деца и за својот татко.

„Не можам да си дозволам да ја загреам целата куќа. Понекогаш не можам да си дозволам ни храна, ниту да ги платам сметките. Не можам да си дозволам да инвестирам во еколошки апарати. Принуден сум да се греам на дрва“.

Заменикот-министер за животна средина Јани Макрадули, за ваквата состојба ја обвинува претходната влада. „Ние ја наследивме оваа ситуација, и сега почнуваме од нула“, вели тој.
Владата изработи план за намалување на загадувањето за половина во следните две години. Дел од тој план предвидува изградба на гасоводна мрежа со која ќе се греат домовите, наместо да користат дрво или јаглен.

Но, еколошките активисти предупредуваат дека ќе треба да им се застане на патот и на многу нерегулирани бизниси за да се реши проблемот.

„Скопје е град во кој имате фабрики за тешки метали и хемиска индустрија буквално во градот“, вели Татјана Гроздановска од Стоп за загадувањето на воздухот.

„Притоа има стотици мали централи и работилници кои горат нафта, или гуми... Не гледаме дека инспекцијата презема што било за тој проблем“.