1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скап развод на бракот меѓу Дајмлер и Крајслер

15 мај 2007

Разделбата на германскиот авто-концерн Дајмлер од американскиот произведувач Крајслер е топ тема и во денешните германски весници.

https://p.dw.com/p/Ae3a
Било некогаш па се заборавило - натпис на заедничката фирма
Било некогаш па се заборавило - натпис на заедничката фирмаФотографија: AP

Во весникот “Бонер генераланцајгер“ на оваа тема читаме:

“Со продажбата на Крајслер, Дајмлер АГ конечно повлекува црта под едно несреќно поглавје на сопствената историја. Тоа не стоеше под среќна ѕвезда од самиот почеток. Таквиот крај на бракот на автомобилските гиганти меѓутоа значи и крај на визијата за светски авто-концерн што ќе владее со меѓународниот пазар. Таквата визија се претвори во скапа илузија за акционерите на концернот од Штутгарт. Она што е сега битно меѓутоа се перспективите за во иднина, а тие се значително подобри за Дајмлер без Крајслер.“

Во “Нордбајерише курир“ го читаме следниот коментар:

“Ете, сега се раздвои она што никогаш ни не си припаѓаше едно на друго. По девет години бракот на Дајмлер и Крајслер се распадна. Дамјлер АГ сега треба да се концентрира на она што навистина добро го знае и го може, имено производството на автомобили од повисоката класа. Самоубиствената екскурзија на полето на автмобилите за масовна потрошувачка, каде Крајслер уште беше лошо позициониран, сега мора да заврши.“

“Зидојче цајтунг“ се занимава со шефовите на Дајмлер АГ и нивните грешки и заслуги, па коментира:

“Јирген Шремп се сметаше за многу силен, тој беше уверен оти може да го скроти глобалниот пазар. Во реалноста меѓутоа товарот на неговите илузии го носеа работниците, муштериите и акционерите. Сите тие загубија тешки милијарди во оваа зделка. Така поранешниот топ менаџер доживеа грандиозен дебакл. Од таа гледна точка актуелната тешка и скапа разделба, на која се реши сегашниот шеф Цече, е само последица од грешките на Шремп пред девет години – барем делумно“ - оценува “Зидојче цајтунг“.

А “Тагесшпигел“ од Берлин пак поставува суштинско прашање:

“Дали пропаднатиот експеримент со фузијата на Дајмлер и Крајслер е доказ за тоа дека големите очекувања од глобализацијата се лажни? Одговорот е не! Токму купувањето на автоконцернот од страна на еден американски фонд за инвестиции покажува колкава сила имаат претпријатијата во кои се здружува капитал. Т.н. хеџ фондови се вистинските добитници на глобализацијата. Со тоа не сакаме да кажеме дека таквите претпријатија се принципиелно подобри. Нивниот капитал имено е многу лесно подвижен, тој брзо доаѓа и уште побргу си заминува доколку зделката не носи висок профит. Одушевувањето од некој производ или претпријатие е со кус здив. Сега останува само да видиме дали таквиот инаку успешен деловен модел ќе се покаже како успешен и во автомобилската индустрија“ - вели “Тагесшпигел“.