Скандал со сексуална злоупотреба: Католичката црква се ниша
29 јануари 2022Сино небо над Ахенската катедрала, без ниедно облаче, студеното зимско сонце ја осветлува црквата стара преку 1200 години. Но, зад велелепната фасада врие. Ахенскиот бискуп Хелмут Дизер во неделната проповед зборуваше за гнев и разочарување, шокираност, тага, страдање и сомнеж, на тој начин опишувајќи ги реакциите на Извештајот за начинот на кој надбискупијата Минхен-Фрајзинг се однесувала кон сексуалното злоставување на малолетни деца.
Извештајот тешко го товари и поранешниот папа Бенедикт Шеснаесетти. Како кардинал Јозеф Рацингер, тој раководел со надбискупијата Минхен-Фрајзинг од 1977 до 1982 година. Во ова време меѓу другото учествувал на седница на која било решено да се прими во надбискупијата Минхен-Фрајзинг педофилен свештеник, веќе осудуван за сексуална злоупотреба, свештеникот потоа таму продолжил со злоставување на деца.
Неспособност да се признае вината
„Ме погодува и жалости, но и ме лути несогледувањето на целосните размери на поединечните судбини, а со тоа поврзано и размерите на потфрлувањето на раководството, на одговорноста на бискупите и нивните управни службеници“, рече Ахенскиот бискуп Дизер во својата проповед. „Уште повеќе неспособноста да се почувствува сопствена одговорност и да се признае вина, да се побара прошка или барем да се искаже жалење и болка за сопствениот удел во трагедијата.“
За време на проповедта на бискупот Дизер во неделата, уште важеше тврдењето на Бенедикт дека не учествувал на конференцијата свикана во врска со педофилниот свештеник од Есен. Откако јавно беше објавено дека неговото име стои на записникот од средбата, поранешниот папа вчера ја коригираше својата поранешна изјава, зборувајќи за „грешка“ која немала „никакви лоши намери“.
Дури и еден папа може да е виновен
Но, со вакви зборови се задоволуваат сѐ помалку луѓе во католичката црква. „Не може да остане на тоа, одговорните да се кријат зад тврдења дека ништо не знаеле или зад поранешните начини на однесување. Зашто, токму затоа злосторниците тогаш не биле запрени и продолжувале да злоупотребуваат деца“, изјави Ахенскиот бискуп Дизер. Дури и поранешен папа може да биде виновен, тоа мора јавно да го признае, „не само во молитвите или при исповед."
И минувачите, кои во понеделникот поминуваа покрај Ахенската катедрала, се вџашени. „Сите свештеници сега мора да заземат став“, бара еден постар човек. Тој и неговата сопруга се единствени дека скандалот со сексуално злоставување, но и фактот што тој со години е негиран и потиснуван, на црквата ѝ донесоа големи штети. „Сигурен сум дека сега уште повеќе луѓе ќе се откажат од црквата“, вели жената.
Верниците мора да се оправдуваат
Од првичната еуфорија за изборот на еден германски кардинал за поглавар на Католичката црква, малку остана. „Ние сме папа“, гласеше насловот во 2005. година во германски булеварски весник. Сега сѐ повеќе германски бискупи бараат од Бенедикт јавно да ја признае неговата вина во скандалот со злоставување.
Ситуацијата енормно товари многумина верници, вели бискупот од Лимбург, Георг Бецинг, претседател на Германската бискупска конференција. Тие мора да се правдаат пред пријателите и семејствата затоа „што припаѓаат на ова здружение“. Мора јасно да се согледа каква штета е создадена со ваквото катастрофално однесување од „врвот на црквата, па до еден пензиониран папа“. „Ги разбирам сите кои се незадоволни од црквата и одговорните, а кога ќе ги погледнам фактите од Извештајот од Минхен, се срамам поради оваа црква“, вели Бецинг.
Организирана неодговорност
Јасните зборови од бискупот Бецинг ги охрабруваат верниците во католичката црква. „Меѓу бискупите гледам такви кои имаат сопствена добра желба. Мислам дека не е добро сите да се ставаат во ист кош“, изјави Ирме Штетер-Карп, претседателка на Централниот комитет на германските католици. И таа е шокирана и потресена од размерите на прикривањето.
На „организираната неодговорност“ со која црквата реагираше на случаите на злоупотреба мора да ѝ се стави крај, вели таа за ДВ.
И Штетер-Карп е разочарана од поранешниот папа Бенедикт Шеснаесетти. „Од мое гледиште, не е воопшто добро што наспроти неговата поранешна писмена изјава, сега го признава она што не може веќе да се негира. Сега е нужно неограничено преземање лична вина за тогашното погрешно однесување“.
Претежно младите ѝ вртат грб на црквата
За многу млади верници во католичката црква е запален „црвен семафор“, во младинските организации се чувствува длабочината на несигурноста, вели Грегор Подшун, член на четиричленото претседателство на Сојузот на католичка младина. Многу млади луѓе размислуваат дали воопшто да останат во црквата. Во моментов оваа организација е соочена со бројни барања на млади за истапување од црквата, но за останување во младинската организација.
„Гледаме дека младите си поставуваат прашања во врска со црквата и нивната вера.“ Тие констатираат дека институцијата црква не се придржува на она што го ветува Евангелието. „Значи, постои јаз меѓу верата и институцијата црква, а тоа може да води до сѐ поголем број излегувања од црквата, но и натаму задржување на сопствената вера“, истакнува Подшун.
Обновување на црквата
Подшун сака вратата за младите луѓе, кои се сомневаат во црквата, да остане отворена . Но, тој остро се пресметува со институционалната црква. „Црквата не смее да се спасува самата. Ако сакаме да ги расветлиме и да ги спречиме страдањата, и притоа прифатиме дека ќе ја уништиме оваа црква, онаква каква што е, тогаш мораме да го одбереме тој пат и потоа да го направиме следниот чекор, одново да ја изградиме црквата.“
За него Извештајот од Минхен не е изненадување, вели Подшун во интервју за Дојче веле. „Црквата е монархиски структуирана, многу централизирана, што значи дека системот на моќта е поддржуван и заштитуван од Ватикан, па оттаму е малку изненадувачки што се забошотуваат работите кои би ѝ наштетиле на црквата“. Младиот католик се надева дека потресот ќе послужи за тоа црквата „сериозно за размисли за покајание и пресврт.“