Сите погледи кон УКИМ: Кој ќе биде новиот ректор?
27 јуни 2016На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), денеска треба да се конституира новиот Сенат и да се избере нов ректор за мандатниот период од 2016-2020 година. Но, долго подготвуваната постапка деновиве доби нови димензии. Студентскиот пленум предупреди дека одлуката за избор ќе биде предмет на судски спор, ако за избор на ректор гласаат и и нелегитимни претставници на Студентскиот парламент (СПУКМ) и побара изборите да се поместат наесен.
Двајцата кандидати за ректорската функција, д-р Ненад Новковски и д-р Никола Јанкуловски, се надеваат дека изборот на рекор ќе се одвива без проблеми.
Не може да се очекува дека прашањето за легитимитетот на изборните органи за избор на ректор, ќе го смени текот на постапката, вели Новковски.
„Единственото дејство од тие активности се очекува да се сведе на дефокусирање на јавноста од главните прашања во овој момент - каков ректор избираме, непојавувањето на едниот кандидат на дебати, фактот дека не се спротивставува на екстерното тестрирање во високото образование што се обидува да го воведе актуелната власт, а против кое во еден период беше искажан огромен револт. Има повеќе причини зошто тешко може да се оствари поместување на изборите. Прво, формалното барање доаѓа во време кога изборите се во тек, извршени се сите подготовки и завршена е првата фаза на претходна селекција за кандидат што се појавува пред Сенатот. Основното што се оспорува е изборот на претставници од СПУКМ, невладина организација која според законот има право да учествува во изборите, а се оспорува од две други невладини организации (студентски и професорски пленум -н.з) кои како такви не се учесници во изборниот процес“, објаснува Новковски.
Неговиот противкандидат, д-р Јанкуловски, потенцира дека СПУКМ како автономна, невладина и непартиска организација која ги претставува студентите на УКИМ, е активно вклучен во работата на Сенатот, учествува во донесувањето на голем број одлуки на Универзитетот, секако и во изборот на ректор.
„Студентите се избрани за членови на сенатот на изборно собрание на СПУКМ, додека изборната постапка за претседател е во тек. Очекувам демократски, регуларни и траснпарентни избори, а проценката на веродостојноста, односно легитиминоста на студентските претставници ќе ја препуштам на проценка на Комисијата за верификација и на стручните служби на Универзитетот“, вели д-р Јанкуловски.
Јанкуловски: Вработување на академскиот подмладок
Двајцата кандидати денес се фокусирани на изборниот натпревар, во кој влегуваат со свои планови, програми и визии за развојот на УКИМ. И двајцата имаат 58 години, богат професионален бекграунд и се реномирани во нивните професии. За Дојче веле тие накусо ги презентираа нивните главни приоритети доколку бидат избрани на функцијата.
„Одбрана и одржување на автономијата на Универзитето, како и дефинирање на критериумите за финансирање на високото образование се круцијалните фактори за функционирање на Универзитетот и ќе бидат приоритети во мојата активност“, вели д-р Никола Јанкуловски, хирург на Универзитетската Клиника за дигестивна хирургија, декан на Медицинскиот факултет од 2009 година, и реизбран за втор мандат во 2013 година. Доколку биде избран за ректор, особено внимание ќе посвети на развојот на капацитетите за научно-истражувачка работа преку зголемување на апликациите за европските фондови и меѓународни грантови за истражување.
„Во центарот на интерес биле и ќе бидат студентите-со подобрување на квалитетот на практичната настава, зголемување на соработката со стопанството и бизнис заедницата за трансфер на технологии. Моите заложби ќе бидат за мотивирање на студентите за вклучување во студентските организации и воннаставните активности, за зголемување на мобилноста на студентите и наставниот кадар, а со тоа подигање на нивото на квалитетот на УКИМ и негово повисоко рангирање во меѓународни рамки. Секако, ќе инсистирам до релевантните институции да се надмине рестриктивната политика на вработување, за да не дојде до неповолна старосна структура на наставниот кадар. Тоа наскоро може да се случи на голем број факултети и да се доведе во прашање функционирањето на одредени студиски програми, доколку не се преземат сериозни чекори за зголемување на вработувањето на академски подмладок“, потенцира Јанкуловски.
Новковски: Собранието да ги укине спорните одредби
Д-р Ненад Новковски е поранешен министер за образование, професор на Природно-математичкиот факултет, со над 50 труда во списанија со импакт-фактор од подрачјето на фундаменталните науки и највисоките технологии. Вели дека прво што планира да направи при стапувањето на функцијата ректор, е уредување на универзитетската администрација и процедурите, за да бидат максимално ефикасни и да одговорат на сложените барања за успешно водење на оваа институција.
„Оваа структура е наследена од времето кога УКИМ бил формална асоцијација и не е изграден капацитет за управување со многу сложени процеси што сега се одвиваат. Промените што се случија последниве години беа дури и ретроградни, како што е појавата на т.н. Школа за докторски студии, која го закочи формирањето на современи докторски програми. Има многу постапки што само го усложнуваат работењето наместо да го поедноставуваат, како што е неопходно во една голема институција како што е УКИМ. Со ефикасна организација и при истиот прилив на ресурси ефективноста ќе биде зголемена, во полза на УКИМ и на општеството. Од Собранието ќе побарам итно да бидат укинати сите спорни одредби кои отстапуваат од линијата на Болоњскиот процес, оние што сега се со одложено дејство, да бидат неодложно укинати“, најавува Новковски.
Вели дека неговиот ангажман од почетокот ќе биде во насока на привлекување средства за истражување, од домашни и меѓународни извори.
„Спротивно на сите кои беа кандидати и зборуваа дека може да се привлечат надворешни средства без да се привлечат оние од домашните извори, тврдам дека таквиот приод е несериозен. Само со убедување на нашите власти да си ги исполнат уставните обврски за поддршка на научните истражувања, од кои огромен дел се изведуваат на УКИМ и се повеќе треба да ги има, може да се продолжи со привлекување на други, уште поголеми средства од надворешни извори. И секако, со отвореноста кон сите заинтересирани, со отворање на простор за дебата по сите актуелни прашања без ограничувања и со поттикнување на искрена комуникација, ќе придонесам да се воведе култура на широк академски пристап кон сите прашања битни за УКИМ и општеството“, вели Новковски.
Стојковски: УКИМ не може да биде ничиј заложник!
На Универзитетот се е подготвено за денешниот избор на нов ректор, а ректорот во заминување, Велимир Стојковски, потенцира дека од голема важност е прво да се конституира највисокиот орган на Универзитетот - Сенатот, чиј мандат истече пред два дена - на 25 јуни. Особено што до крајот на месецот новиот Сенат треба да одржи уште една седница на која ќе одлучува за тековни прашања повразни со рокови - избор на 17 редовни професори, програма за визитинг-професори, шест научно-истражувачки проекти, две нови студиски програми. Ако Сенатот не се конституира, Универзитетот нема да може да функционира.
Во однос на барањата за поместување на изборот за ректор, Стојковски вели дека не постои таква статутарна можност.
„На секој што го прочитал Статутот, јасно му е дека не е остварливо барањето изборите за ректор да се одложат. Постапката, согласно со член 120 од Статутот, ја започнува Ректорската управа во првата половина од мај, а треба да заврши до 15 јули во тековната година. Оттука, предлогот нема законска основа, ниту постои орган кој би донел одлука спротивна на Статутот. Барањето УКИМ да формира комисија кој ќе ги спроведе изборите на СПУКМ, исто така не е согласно Законот, затоа што СПУКМ е посебно правно лице, и нивните избори (согласно законската регулатива) се нивно прашање. Исто така, ќе потсетам дека на еден наш Факултет, заради неучество на студентите во гласањето за избор на декан, изборот се уште не е завршен, а на 23 јуни Факултетот доби и решение од Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискот надзор и прекршочната постапка, дека студентите треба да бидат вклучени во гласањето за избор на нов декан. И на крајот, како студентските претставници во наставно-научните совети беа легитимни за избор на новите сенатори - професори, а се поставува прашањето за легитимитетот на нивните претставници во Сенатот?“, прашува Стојковски.
Тој потенцира дека тoa што го бараат актите, тоа е и побарано од СПУКМ: предлог за сенатори заверен со потпис и печат, записник од спроведено тајно гласање, потврди од факултетите дека предложените сенатори се активни студенти, извод од Централниот регистар за одговорното лице.
„Сето тоа ќе и биде доставено на Комисијата за верификација на мандатите. Очигледно е дека во организирањето на студентите постојат прашања, за кои треба да се подискутира на сите нивоа, но тоa не се прави на овој начин и еден ден пред истекување на мандатот на Сенатот, а УКИМ не може да биде ничиј заложник“, дециден е Стојковски.