Сите опции завршуваат кај Иванов
15 март 2017Собраниска седница ќе може да се одржи ако партиите кои имаат свои претставници во парламентот предложат кандидати за членови на Комисијата избори и именување. Но, и ако се избере претседател на парламентот, влада не ќе може да се формира ако претседателот на државата и натаму не го дава мандатот. Во ваков јазол е „врзана“ можноста за излез од тензичното статус-кво во кое се наоѓа Македонија, четири месеци по одржувањето на предвремените парламентарни избори.
Шефот на државата, кој пред два дена соопшти дека и натаму не се отстранети пречките за да го даде мандатот, како што јавуваат азербејџански медиуми, утре и задутре во Баку треба да учествува на Глобалниот форум „Иднината на меѓународните односи: моќ и интереси“, заедно со претседателите на Албанија, Црна Гора и Летонија. До утрово од претседателскиот кабинет не беше потврдена ни таа, ниту информацијата дека Иванов идната недела ќе отпатува во Австралија. Нетранспарентноста во однос на неговите евентуални патувања во вителот на институционалната и политичка криза во земјата, ги зголемија критиките на адреса на Иванов, со оглед дека сѐ уште не е избран претседател на Собранието, кој според Уставот го заменува претседателот во негово отсуство.
Ништо без мандат
Но, и можноста да продолжи седницата на парламентот и да се избере претседател на Собранието зависи од договорот меѓу сите парламентарни партии, а не само на оние кои декларираа мнозинство од 67 пратеници. Според Деловникот за работа на Собранието, претседавачот со конститутивната седница, Трајко Вељаноски е должен да ја продолжи седницата на која ќе биде избран неговиот наследник, ако партиите кои имаат свој претставници во Парламентот предложат кандидати за членови на Комисијата за избори и именувања. Според неофицијални извори, веќе се разговара за тоа, но стигнуваат различни информации околу бројот на членовите во Комисијата - дали ВМРО-ДПМНЕ да има 6 члена, СДСМ 5, а ДУИ и Беса по еден, или друг сооднос. За Комисијата да предложи нов собрански спикер, потребно е мнозинство, односно 7 од вкупно 13-те членови да застанат зад предложеното решение. Разговорите за избор на членови на Комисијата, наводно сѐ уште се тема на консултации, што го топи претходните проценки дека одржувањето на седницата може да биде реализирано во среда или четврок. Ова, но и генералната стратегија со која би се ставиле во функција сите државните институции, биле темите за кои синоќа разговарале лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, во седиштето на социјалдемократите.
„Треба да се изнајдат начини да профункционира највисокиот законодавен орган, Собранието, со најдобра намера да продолжиме понатаму, со преговори за градење на институциите со кои треба да се води државата“, изјави Ахмети по средбата. Тој потврди дека се разговара со сите политички партии за да се постигне согласност да се изберат собраниските органи и комисии.
„Најнеопходно е прашањето за конституирање на Собранието. Сите напори се во насока да се стави Собранието во функција и да се избират собраниските органи. Потоа да се направи официјално барање од претседателот на Собранието до претседателот на државата, за да го даде мандатот за формирање на нова влада. Не може да се зборува за конституирање на еден орган, без да се има мандат. Значи, најпрво треба да се даде мандатот, а потоа да се водат преговори за ресорите“, рече Ахмети.
Не поминуваат „заобиколни решенија“
На ваквиот „единствено можен редослед“ во однос на состав на нова влада, предупредуваат и извори од ВМРО-ДПМНЕ, со став дека секое друго „заобиколно решение“ би било неуставно. За такво решение ја сметаат можноста новото парламентарно мнозинство да ѝ изгласа недоверба на сегашната влада, која според Уставот, е обврзана да ги извршува функциите до изборот на нова. Дури таа и да „падне“, од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека нова влада не ќе може да се формира без официјално да биде даден мандат од претседателот, што значи дека секое решение спротивно на тоа, би било оспорено пред Уставниот суд. Според тоа, мнозинството ќе може да избере единствено „нова“ техничка влада, со мандат да организира и спроведе нови избори.
Од ВМРО-ДПМНЕ во овој момент не откриваат дали имаат предлози за кандидати за членови на собраниската Комисија за избори и именувања.
Закоченоста на демократските процеси, игнорирањето на парламентарното мнозинство и опструкциите во конституирањето на законодавната и извршната власт, и натаму предизвикуваат загриженост на официјален Брисел. Не е исклучено деновиве да се засилат дипломатските активности за деблокирање на процесот, а се шпекулира дека е можно еврокомесарот Јоханес Хан наредната недела повторно да дојде во Скопје. До овој момент нема официјална потврда за тоа.