Сите опции за кои говори Пендаровски водат кон една цел
23 јуни 2021Голем интерес предизвика изјавата на македонскиот претседател Стево Пендаровски, дека во услови кога проширувањето на ЕУ де-факто е замрзнато, имаме две опции: да ја донесеме Европа дома, и да почнеме да го враќаме во живот договорот за стратегиско партнерство со САД од 2008 година.
„Што акоспорот со Бугарија се оддолжи со години? Можеби не 25, како со Грција, но ние не можеме да седиме со скрстени раце и да чекаме добри вести од Брисел. Во услови кога проширувањето на ЕУ де факто е замрзнато, имаме две опции: да ја донесеме Европа дома и второ, според мене, треба наскоро да почнеме да го враќаме во живот договорот за стратешко партнерство со САД од 2008 година. Во договорот со Вашингтон има барем четири-пет области во кои би можеле конкретно да влеземе во соработка со САД. За ова најверојатно наскоро ќе имаме средби на ниво на државно раководство. Ова не значи откажување од европските интеграции, напротив. Но, ако продолжи спорот со Бугарија, мора да бараме алтернативи“, рече Пендаровски на панел дискусијата на тема „Триесет години независност и евро-атлантските перспективи на Република Северна Македонија“.
Лично размислување
Практично, Пендаровски не бара класична „алтернатива", туку засилени активности кои земјата побрзо ќе ја доближат до ЕУ, односно Европа ќе ја донесат дома.
„Мотивот е, освен што се демократизираме со помош на ЕУ, (каде што интеграциите се во застој поради Бугарија), и САДда помогнат повеќе во таа асистенција или реализација на 'Европа дома'“, објаснува Пендаровски за ДВ.
Шефот на државата вели дека ова е негово размислување, а не се впушта во повеќе експликации бидејќи сѐ уште не им го образложил на премиерот Заев и на надлежните министри, и затоа што сѐ уште не е разговарано со САД.
Смета дека меѓу другите, сферите во кои би можела да биде зајакната соработката со САД, се и човековите права, борбата против организиран криминал и тероризам, енергетиката, сајбер безбедноста, хибридните закани...
Логично е да се бараат алтернативи
Какво ехо предизвика изјавата на македонскиот претседател во домашната јавност?
„Со оглед на извесното ново бугарско вето, односно одложувањето на почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, логична е изјавата на претседателот Пендаровски за разгледување на алтернативи“, оценува Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
„Двете негови (план Б) опции, всушност и не се класична алтернатива, бидејќи се во рамките на основната стратешка цел – членство во ЕУ. Првата опција за 'Европа дома' и не е некоја нова алтернатива. Ние всушност во цела транзиција се обидуваме да ја 'донесеме Европа тука', односно да ги приближиме и постигнеме европските стандарди кај нас. Би рекол едно време и доста успешни бевме во тоа, некаде до 2009 година, кога ја добивме и првата потврда за тоа (од ЕУ, со препораката за почеток на преговори за членство). Тогаш бевме доста понапред на тој пат и од Србија и од Црна Гора, кои сега веќе одамна преговараат, а верувам дека во многу аспекти се уште сме пред нив, но ете, не сме ги почнале преговорите“, вели Кржаловски.
Смета дека е добра идеја другата опција – поинтензивно активирање на договорот за стратешко партнерство со САД од 2008.
„Потребно е, ако ништо друго - да се направи малку подобар дипломатски баланс во односите со Бугарија, бидејќи како членка на ЕУ, тие секогаш ќе се во предност во какви и да е преговори. Само со брз и лаички поглед на позицијата на пример на Израел во однос на своите арапски соседи, доволно укажува што значи стратешка поддршка од САД, па нема зошто да не се обидеме поинтензивно да ја користиме таа можност. Лично, јас би одел и со други алтернативи, на пример користење на нашето членство во НАТО за вето на првата следна одлука која ќе се однесува на Бугарија. Иако тоа би било непопуларно, а можеби и контрапродуктивно за нашиот статус во НАТО, но е еден од ретките чекори кои можеме да ги направиме за на ист начин да одговориме на тоа што го прави Бугарија“, смета Кржаловски.
Во опсегот на можности посочува и други алтернативи.
„Конечно, нема зошто да не се размислува и за вистински други и трети алтернативи (од Европската економска заедница, односно статус како Швајцарија, Норвешка и Исланд, кој се уште е во истата ЕУ насока, но без формално членство, што пак ќе биде слично тешко да се оствари), преку функционирање како поранешна Југославија (а и сега Србија) на принципот на неврзаноста, па се до поинтензивна соработка со Кина на пример ако ништо друго на економски план во поглед на нивната иницијативата 'Еден појас, еден пат'. Не велам дека тоа треба да биде примарно, но нема зошто да не се разговара за тие опции (видовме колку лесно се најдоа алтернативи за вакцините со ‘Спутник' и ‘Синофарм', кога ќе загусти), како во Собранието, така и во јавноста!", укажува Кржаловски.
ВМРО-ДПМНЕ: Алиби за дефокусирање на јавноста
Изјавата на Пендаровски е дадена на денот кога Бугарија го повтори нејзиното вето, останувајќи на ставот дека не се исполнети условите Северна Македонија да почне преговори со ЕУ. „Декларацијата за стратегиско партнерство и соработка меѓу САД и Македонија“ уследи по едно друго вето: грчкото вето за влез на Македонија во НАТО, во април 2008 година, на самитот на Алијансата во Букурешт.
Декларацијата беше потпишана еден месец по тој самит, на 7 мај 2008 во Вашингтон, од страна на тогашниот накедонски министер за надворешни работи, Антонијо Милошоски, и државната секретарка на САД, Кондолиза Рајс.
„Двете земји сакаат да ги зацврстат своите стратешки односи преку интензивирање на консултации и соработка во областите на безбедност, врски помеѓу граѓаните, како и во трговијата. Соединетите Држави и Македонија ја потврдуваат својата поддршка на принципите на суверенитет и територијален интегритет на државите, на целите и принципите на Повелбата на ОН, и на унитарна и мултиетничка Македонија во своите постоечки граници. Македонија и Соединетите Држави забележуваат дека Македонија, како демократска, безбедна и просперитетна земја, со пријателски и конструктивни односи со своите соседи, и како активен учесник во регионалните и меѓународните економски, политички и безбедносни форуми, е витална за мирот и стабилноста во Југоисточна Европа“, се вели меѓудругото во Декларацијата.
Одопозициската ВМРО-ДПМНЕ за ДВ велат дека и досега договорот со САД требало да се продлабочува и унапредува, но сметаат дека криминализирана власт не може да ја европеизира државата.
„Договорот за стратешко партнерство со САД е потпишан од страна на владата на ВМРО-ДПМНЕ, што пак ја потврдува нашата недвосмилена ориентација кон прозападните вредности. Тој договор е жива материја и требаше и досега да се продлабочува и унапредува. Од друга страна, пак, изјавите на власта да сме се европеизирале дома, во услови кога Пендаровски, и крими коалицијата Заев-Ахмети не се во состојба да го исполнат своето ветување за интеграција во ЕУ, претставува бледо и неуверливо алиби за дефокусирање на јавноста. Главниот проблем е криминалот кај власта, а тие кои се негови заштитници, не може да вршат европеизација на државата ниту да донесат нешто добро за државата. Главниот проблем и непријател на стратешките интереси е криминалот на Заев и ДУИ", велат од ВМРО-ДПМНЕ.