1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добитници од кризите - трговците со оружје

Матијас фон Хајн/сн22 февруари 2016

Институтот за истражување на мирот СИПРИ го претстави новиот извештај за глобалната трговија со оружје. Најважни извозници: САД и Русија. Главните купувачи се наоѓаат во Азија и во кризниот регион на Средниот Исток

https://p.dw.com/p/1HzdW
Фотографија: picture-alliance/empics

Пред само десет дена на Минхенската безбедносна конференција, рускиот премиер Димитри Медведев го виде светот во нова Студена војна. Во Украина а посебно на Средниот Исток веќе беснеат жешки војни. Во источна Азија агресивното постапување на Кина предизвикува грижи кај соседите, додека во јужна Азија односите меѓу ривалите Индија и Пакистан и натаму се високо тензични. Истовремено ширум светот се зголемува несигурноста поради растечката терористичка опасност. Екстремно напрегнатата глобална безбедносна состојба се отсликува во процут на зделките на производителите на оружје. Тоа произлегува од најновите бројки на стокхолмскиот Институт за истражување на мирот СИПРИ. За да се порамнат варијациите при големите договори за вооружување, експертите од СИПРИ го претставуваат глобалниот трансфер на оружје во временски периоди од пет години. Така во последните пет години во светот било извезено 14 проценти повеќе оружје отколку во претходните пет години.

Среден Исток: повеќе кризи, повеќе оружје

Поголемиот дел од оружјето отишол во Азија и во кризниот регион на Средниот Исток. Меѓу Персискиот залив и Босфорот увозот на тешко вооружување - само на вакво вооружување се однесува извештајот на СИПРИ- пораснал за 61 процент!. Меѓу 2011 и 2015 година само Индија увезла повеќе оружје од 30 милионската Саудиска Арабија. Нафтеното кралство во споредба со периодот меѓу 2006 и 2010 години речиси трикратно го зголемило увозот на оружје. Веќе на местото број четири на најголеми увозници на оружје следуваат Обединетите Арапски Емирати со само петмилионско население. На шестото место е Турција. Експертот на СИПРИ Питер Веземан не е изненаден од ваквиот развој. Регионот е обременет со конфликти- како внатрешни така и меѓудржавни, изјави Веземан за ДВ. Државите од регионот во изминатите пет години располагале со големи буџети. Тоа сега би можело да се промени поради ниските цени на нафтата. Згора на тоа: овие земји не располагале со сопствена индустрија за вооружување и затоа се упатени на купување на меѓународниот пазар.

Infografik Anteil am weltweiten Waffenimport nach Region ENGLISCH

Мексико: трикратно зголемен увоз

Други движења на страната на купувачите кои паѓаат в очи: Мексико во последните пет години во соредба со периодот 2006-2010 трикратно го зголемил уввозот на тешко вооружување . Тоа е последица на нарко војната, во која во последните 10 години според проценките загинале 100 илјади луѓе. Експертот за трговија со оружје Веземан вели дека Мексико меѓу другото силно инвестирал во лесни оклопни возила. „Тоа се возила кои заштитуваат од напади со автоматско оружје но не и од ракети“, вели Веземан

Африка: сиромашијата спречува големо вооружување

Половина од узвозот на оружје на африканскиот континент отпаѓа на само две држави: соседните земји Мароко и Алжир. Двете држави поради релативно добрата економска состојба располагаат со средства за купување оружје. И, додава експертот на СИПРИ: двете држави гледаат една на друга со голема недоверба и стапија во меѓусебна трка во вооружување. Севкупно на континентот а посебно во субсахарска Африка и покрај бројните конфликти е безначаен пазар за тешко оружје, поради слабата економија во многу држави. Веземан во тоа истотака гледа проблем , зашто многу африкански држави се вклучени во мировни мисии, но често нивните војници се слабо или погрешно вооружени. „Овие земји не инвестираат во оружје кое е неопходно за операциите на ОН. Инвестираат во друго вооружување, кое во прв ред го купуваат заради престиж“.

САД: најголеми трговци со оружје во светот

На страната на извозниците на оружје САД и Русија ги надградија своите позиции како најважни лиферанти на вооружување. Една третина од глобалниот извоз на оружје отпаѓа само на САД. Тие пред сѐ во кризниот регион Блиски- Среден Исток се погрижиле за постојано снабдување. најважни муштерии на Американците биле Саудиска Арабија, Емиратите и Турција.

Infografik Die zehn größten Waffenimporteure und ihre wichtigsten Zulieferer ENGLISCH

Од Русија потекнувала една четвртина од глобалниот извоз на оружје. Најважни клиенти биле Индија, Кина и Виетнам. Кина, пак го зголемиле сопствениот извоз на оружје за 88 проценти во споредба со периодот 2006-2010. Со речиси 6 проценти учество во светската трговија со оружје Кина сега се наоѓа на третото место пред Франција и цврсто се етаблира како важен производител на меѓународниот пазар на оружје. Според Веземан тоа се должи пораснатиот квалитет на кинеското оружје. Главно кинеско вооружување заминува во Пакистан, Бангладеш и Мјанмар, но и во Африка Кина се обидува да фати чекор како лиферант на вооружување.

Западноевропските земји Франција, Германија, Велика Британија, Шпанија и Италија, меѓу 2011 и 2015 година заедно во раце држеле една петина од глобалниот трансфер на оружје. Притоа извозот на Франција забележал пад од речиси 10 проценти. Германскиот извоз на оружје се намалил дури за половина. Причина: економската криза во многу земји во Европа. На некои европски држави едноставно им недостасуваат средства за скапо вооружување, објаснува Веземан од СИПРИ. Тоа од другастрана го зголемува притисокот врз европската индустрија за оружје да пронаоѓа нови пазари. Токму Германија агресивно се обидува, своите системи за вооружување да ги продаде на Средниот Исток или во Азија, вели експертот за оружје од Стокхолм.