Синот на Трамп под притисок
11 јули 2017Најстариот син на американскиот претседател Доналд Трамп е под сѐ посилен притисок поради негова средба со една руска адвокатка. Доналд Трамп Џуниор преку имејл порака бил информиран дека компромитирачките информации за Хилари Клинтон кои му биле ветени потекнуваат од руската влада, пишува весникот „Њујорк Тајмс“, повикувајќи се на три лица добро упатени во проблемот. Материјалот наводно бил дел од напорите на руската влада да му помогне на татко му да победи на изборите, се вели во текстот.
Имејл-пораката во која била испратена пред разговорот со адвокатката е стигната од музичкиот публицист Роб Голдстоун. Тој за повеќе американски медиуми потврди дека договорил средба на Трамп Џуниор и адвокатката Наталија Веселнитскаја. Пораката на Голдстоун укажува дека руската влада е извор на потенцијални штетни информации за Клинтон, пишува „Њујорк Тајмс“. Меѓутоа, во пораката нема ништо за напор на Москва да му помогне на изборниот тим на Трамп. Нема доказ дека ветените информации се поврзани со хакерските напади врз американските демократи, наведува весникот.
Трамп Џуниор во неделата призна дека за време на кампањата, во јуни 2016 година, имал средба со адвокатката Наталија Весенитскаја, од која, како што тврди, не произлегло ништо важно. На разговорот присуствувале и зетот на Трамп, Џеред Кушнер, како и тогашниот шеф на кампањата, Пол Менафорт. Претседателот Трамп, како што тврди Трамп Џуниор, а тоа го изјави и портпаролка на американскиот претседател, за тоа дознал дури пред неколку дена.
Трамп Џуниор прво призна дека се сретнал со адвокатката, но изјави дека тоа немало врска со изборната кампања. Вистинската причина за средбата ја призна, меѓу другото, откако тројца советници на Белата куќа за тоа го информирале „Њујорк Тајмс“. Синот на претседателот Трамп тврди дека „брзо сфатил оти адвокатката нема важни информации“ и покрај тоа што таа на почетокот на средбата рекла оти поседува информации лица кои имаат врски со Русија му даваат поддршка на партиското претседателство на демократите и на Хилари Клинтон. Нејзините изјави меѓутоа, како што тврди Трамп Џуниор, биле неодредени и повеќезначни и немале многу смисла.
Американските тајни служби ја обвинуваат Москва дека со хакерски напади се вмешала во изборната кампања за да му помогне на Доналд Трамп и да ѝ наштети на Хилари Клинтон. Повеќе специјални иследници и комисии во Конгресот истражуваат дали притоа имало соработка со изборниот тим на Трамп. Владата во Москва ги отфрла ваквите обвинувања.