1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Симовски: Дополнување на базата се третира како „упад“!

31 март 2022

Против правилата е отпосле да се анкетираат граѓаните за нивната етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик, вели директорот на Државниот завод за статистика.

https://p.dw.com/p/49GN8
Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика
Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистикаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Откако базата со податоци ќе се затвори, отпосле таа не смее да се отвора и да се интервенира во неа со дополнување на податоци. Ова е ставот на директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски, по сугестиите дека треба да се обезбедат податоците за три показатели кај вкупно 132.260 граѓани (7,2%) кои не беа попишани на терен, а за кои податоците се преземени од административни извори - бази на податоци од 12 институции.

Овие лица влегоа во податокот за резидентно население, но за нив не постојат податоци за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик.

„Етничката припадност е чувство, не е нешто што може да се документира, така што за овие лица прашањето за етничката припадност, мајчин јазик и за вероисповед ќе ги нема“, рече вчера  директорот на ДЗС, Апостол Симовски.

Строго забрането

Но, непостоењето на трите показатели претставува „сива зона“ за истражувачите на економски, демографски, развојни, локални, образовни и други сегменти, како и за оние кои го анализираат јавното мислење. Поради тоа во текот на вчерашниот ден јавно беа искажани сугестии - дека би било добро овие лица во текот на годината да бидат дополнително анкетирани од ДЗС, за да дадат одговори на прашањата кои не можат да се обезбедат од регистрите, бидејќи тоа се прашања на кои граѓаните мора лично да одговорат.

Над 132 илјади лица не се попишале доброволно на пописот 2021
Над 132 илјади лица не се попишале доброволно на пописот 2021Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Аналитичари потенцираат дека овие податоци се битни, особено што со 7,2% тоа е третата група по бројност во резидентното население, после Македонците (58,44%) и Албанците (24,3%) и не е добро таа група да остане етнички неидентификувана.

Повеќе: „Белата чума“ ја покоси С. Македонија - бројот на жители намален за 185 илјади, 207 места останаа празни

Го прашавме директорот на ДЗС дали е можно да се се спроведе таква активност заради комплетирање на податоците за етничка припадност, религија и мајчин јазик на 132.260 граѓани.

„Тоа отпосле не може и не смее да се прави. Кога базата се затвора, секое влегување во неа се третира како упад. Тоа е строго забрането и е целосно надвор од правилата. Тоа не се прави ни во фазата на обработка на податоците, бидејќи може да води кон евентуална злоупотреба на податоците. Затоа, исклучувањето на таквата опција - не е случајно", изјави Симовски за ДВ.

Добар метод

Вчера реагираше и Демократска партија на Турците на Македонија, партнер на владината коалиција, која смета дека податоците за бројноста на турската етничка заедница се далеку од реалноста и не можат да бидат прифатени. Меѓудругото реагираа и на бројката на етнички неизјаснетите лица.

„Податокот за етничкото потекло на 132.260 лица кои не се обелоденети, фрла сенка врз целокупниот процес. Државниот завод за статистика мора веднаш и што поскоро да ги открие податоците за овие лица“, повика ДПТ.

Passanten in der Fußgängerzone
Фотографија: picture-alliance/dpa

Според податоците на ДЗС, една третина од вкупната бројка на неизјаснетите лица (132.260), отпаѓа на граѓани кои живеат во Скопје (над 40.000), а останатите припаѓаат на други општини.

Повеќе: Реакции за пописот: Големо достигнување, или поразителни и некомплетни резултати

Вчера беше отворена и друга дилема - дали неизјаснувањето на овие лица се одразува индиректно и врз утврдувањето на други податоци -на пример, на бројот на домаќинствата. Односно, како тие лица се импутирани во податокот за резидентно население - дали само како поединци?

Директорот на ДЗС вели дека со тој податок нема никаков проблем, бидејќи многуте бази на податоци даваат доволен број точни показатели дали се работи за поединци или домаќинства.

Тој е задоволен од сработеното и вели дека трудот не бил залуден.

„Комбинираниот метод на попишување што го користевме дава можност никого да не промашите. Експертот од Словенија, Данило Доленц, тоа вчера многу добро го објасни. Истиот метод го користат 12 земји од ЕУ“, вели Симовски.