Силните земјотреси удираат по „душата на Италија“
31 октомври 2016Третиот силен земјотрес кој ја погодува Италија во последните два месеци не предизвика човечки жртви, но удри силно во националниот идентитет, уништувајќи бенедиктанска катедрала, средновековна кула и други омилени знаменитости кои ги преживеаја претходните потреси во планинскиот регион исполнет со мали историски гратчиња.
Загубени или тешко оштетени се антички римски ѕидини, готски и барокни цркви и слики стари со векови. Италијанскиот премиер Матео Ренци изјави дека „душата на нацијата е вознемирена“ поради серијата земјотреси, започнувајќи од смртоносниот на 24 август годинава кој однесе 300 човечки животи, двата помали потреси на 26 октомври, до најголемиот од сите, ударот од 6,6 степени кој се случи во неделата. Тоа е и најсилниот земјотрес кој ја погодува Италија во последните 36 години.
Околу 8 илјади луѓе во текот на денот беа префрлени во прифатни центри каде ја минаа ноќта, а италијанските служби очекуваат денеска таа бројка да се искачи до 11 илјади.
Ренци вети дека ќе ги обнови куќите, црквите и другите објекти, велејќи дека „во залог е италијанскиот идентитет“.
Најголема штета е пријавена во Норчиа, гратче во Умбрија кое било најблиску до епицентарот. Две цркви се уништени - бенедиктанска црква од 14 век, изградена врз родното место на Св. Бенедикт, и катедралата на Св. Марија позната по своите средновековни фрески.
Земјотресот беше почувствуван на север сѐ до Салцбург, Австрија, и низ должината на целиот италијански полуостров. Во Рим, оддалечен на 150 километри од епицентарот, луѓето во текот на ноќта истрчаа на улиците во пижами. Катедралата на Св. Павле која датира од 4. век мораше да биде затворена поради напукнатите ѕидови и штета во внатрешните делови. Поради земјотресот беа затворени и други туристички атракции во метрополата.
Сеизмолозите велат дека не можат да исклучат и нови потреси, можеби дури и посилни од последниот.
„Ова е нормално за Апенините“, изјави претседателот на италијанскиот национален Институт за геофизика, Карло Дољони. Тој потсети на слична серија од потреси кои се случиле во период од неколку месеци во 1703 година во истиот регион.
Природниот закон диктира дека по такви настани, ќе има уште повеќе земјотреси „што значи дека може да очекуваме неколку земјотреси со магнитуда од 5 степени, и уште повеќе со силина од 4 степени“, вели Дољони.