СЗО: Од хепатитис умираат повеќе луѓе отколку од ХИВ
21 април 2017Светската здравствена организација проценува дека со хроничен хепатитис Б или хепатитис Ц се инфицирани околу 325 милиони луѓе во светот. „Хепатитисот претставува значаен здравствен проблем“, изјави раководителот на СЗО-програмата за хепатитис Готфрид Хирншал. „Доколку луѓето не добијат соодветен третман, се наоѓаат во животна опасност“, предупредува тој. Хепатитисот е воспаление на црниот дроб кое може да доведе до рак на црниот дроб. СЗО сега првпат презентира податоци по региони со цел да го прикаже напредокот во борбата против болеста која би требало да биде елиминирана до 2030 година.
Од извештајот на СЗО произлегува дека Европа како регион, по регионот на источното Средоземје - од Авганистан до Јемен - е погодена најмногу.
Светската здравствена организација се концентрира на хроничен хепатитис Б (ХБВ) и хепатитис Ц (ХЦВ), поради тоа што на овие две инфекции отпаѓаат 96% од смртните случаи предизвикани од хепатитис. Во 2015 година бројот на смртни случаи изнесува 1,3 милиони, што е повеќе од бројот на починати од инфекции од ХИВ или маларија.
Хирншал нагласува дека епидемијата може да биде запрена. Против хепатитис Б има успешна ваквцина, а против хепатитис Ц се применува тримесечен третман кој чини околу 200 долари. Во случајот на хепатитисот Б неопходен е доживотен третман. Најголемиот предизвик за лекарите е воопшто да се допре до инфицираните. Во моментов се лекуваат само 10% од лицата кои имаат дијагноза. Честопати болеста останува неоткриена со години. Од хроничните болни од хепатитис Б само 9% знаат дека се инфицирани, а кај хепатитисот Ц тој процент е околу 20.