1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сешнс се брани од ударите на Трамп

ЕМФ / дв
24 август 2018

Судската драма околу Доналд Трамп добива сѐ попикантни размери. Сега министерот за правда Џеф Сешнс се спротивставува на критиките од својот шеф.

https://p.dw.com/p/33fjc
USA Donald Trump Justizminister Jeff Sessions
Доналд Трамп и Џеф Сешнс (15.12.2017)Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/E. Vucci

Најжешката фаза од мандатот на Доналд Трамп почна во вторникот, со сведочењето пред суд на неговиот долгогодишен адвокат Мајкл Коен. Тој призна вина и рече дека по налог на Трамп им исплатил илјадници долари на две жени - кои тврдеа дека имале афера со претседателот - во замена за нивниот молк.

Во интервјуто на американскиот претседател емитувано вчера, тој изјави дека парите не биле од средствата за кампањата, па оттука нема што да си префрла себеси. Во истото интервју Трамп го обвини министерот за правда Џеф Сешнс дека го нема своето министерство под контрола и го критикуваше поради тоа што се повлекол од истрагата во врска со аферата околу Русија. Претседателот изјави дека се прашува каков човек прави такво нешто.

Jeff Sessions Justizminister USA
Сешнс реагираше со соопштение на изјавите на ТрампФотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Zalubowski

Сешнс пружа отпор

Сешнс веднаш возврати на нападите од својот шеф и оцени дека неговото министерство е независно. Во соопштението на 71-годишниот министер за правда се вели и дека тој ја презел контролата врз министерството на денот кога положил заклетва и дека оттогаш придонесол за „исклучителен успех“. Во соопштението Сешнс укажува и дека нема да подлегне под политички притисок. „Сѐ додека сум министер за правда, дејствувањето на Министерството за правосудство нема да биде под несоодветно влијание на политички проценки“, оценува тој.

„Барам највисоки стандарди и онаму каде што тоа нема да биде остварено, преземам мерки. Ниту една нација нема толку талентирана група иследници и обвинители како САД“, наведува Сешнс.

Пристрасност во истрагата за Русија

Сешнс беше првиот сенатор кој му даде поддршка на Трамп во предизборната борба. Претседателот, меѓутоа, долго време е исклучително незадволен од него поради тоа што министерот се држи настрана од истрагата за Русија.

Министерот за правда има надзор над ФБИ и со тоа практично е надлежен и за истрагата на специјалниот иследник Роберт Милер, кој проверува дали имало тајни договори меѓу Москва и изборниот штаб на Трамп пред изборите во 2016 година. Сешнс во текот на кампањата се сретнал со тогашниот руски амбасадор во Вашингтон, Сергеј Кисљак. Во текот на сослушувањето во Сенатот, меѓутоа, Сешнс тоа го негираше, иако беше под заклетва. Поради тоа, тој се држи настрана од истрагата за Русија, што воопшто не му се допаѓа на Трамп. На почетокот на месецов претседателот на Твитер побара од министерот за правда да ѝ стави крај на истрагата.