Сефтето на првата работна група - прв лакмус
1 февруари 2022Македонското Министерството за финансии е домаќин на владина делегација од Република Бугарија, предводена од министерот за иновации и раст, Даниел Лорер, кој заедно со македонскиот министер за финансии, Фатмир Бесими, денеска ќе копретседаваат со првата седница на заедничката работна група за економија, трговија и иновации. На средбата во Скопје тие ќе разговараат за можностите за привлекување инвестиции, можностите за иновации, финансирање на проекти, зголемување на трговската размена меѓу двете земји, како и за приоритетите за развој на регионот, особено во области во кои може да развиваат заеднички проекти.
Ова е прв состанок на една од четирите новоформирани работни групи (покрај петтата и веќе постоечка Комисија за историски и образовни прашања), откако минатата недела во Софија беше договорен календарот и динамиката за нивна работа, со цел да се динамизираат односите меѓу двете земји во повеќе сфери.
Со оглед на нарушената доверба меѓу двете земји, сѐ уште не стивнуваат прашањата дали новиот пристап во меѓусебните односи (во кои историските прашања нема да бидат во прв план), е резултат на некаков надворешен притисок. Такво прашање вчера доби бугарскиот премиер, Кирил Петков.
„Бугарија не се наоѓа под притисок за напредок во односите со Република Северна Македонија“, изјави Петков на брифинг со новинарите и објасни каков е новиот пристап во преговорите со Скопје.
„Брзината со која се движиме е само и единствено во функција на резултатите. Досега поставивме цели. Колку побрзо се постигнат тие цели, толкава ќе биде брзината со која ќе се движиме понатаму. И никој од никаде не може да ни прави притисок за тоа. Истовремено, со тоа му даваме приоритет на добрососедството, како основна цел во тие односи“, рече Петков.
Неискористени можности
Првата работна група треба да ги лоцира и искористи можностите за поголема економска, трговска и инвестициска соработка. Според податоците на Македонско-бугарската стопанска комора, има огромен простор за подобрување на соработката. Трговската размена меѓу РСМ и Бугарија во 2021 година изнесувала 663 милиони евра, со раст од околу 30% во споредба со 2020 година, но е помала во однос на трговската размена со Грција и Србија. Претседателот на оваа комора во РСМ, Кирил Лазаров, во повеќе наврати изјавува дека двете земји соработувааат со можности од околу 40%, а имаат потенцијал да надминат и една милијарда евра во трговската размена.
Токму од овие причини Лазаров упати отворено писмо до премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков пред нивната прва официјална средба во Скопје.
„Ја имате почитта и поддршката од целата комора да пристапите кон суштинските проблеми кои ги тиштат двете општества и да најдете решенија кои на двата народа ќе им донесат прогрес, иднина, работни места, економија и поврзување. Имате историска должност кон сите оние кои живеат денес и ќе продолжат да живеат и утре, или после 10, 30 или 50 години, затоа што денес ја пишувате иднината и новата историја, историја во која ќе пишува дека вие, двајцата лидери, сте нашле решение во кое ќе има нови автопати, нови гранични премини, во кое ќе профункционира железничката трансверзала, ќе имаме директен лет Скопје-Софија, и решение во кое ќе дефинирате иднина во која ќе се разговара колку многу наши драги соседи од Бугарија ќе дојдат во Охрид или во Маврово, а колку Македонци ќе отидат во Банско или на Сончев Брег“, напиша меѓу другото Лазаров.
Трговската размена почна да бележи раст по потпишувањето на Договорот за добрососедство и соработка во 2017 година, и во 2018 година достигна 750 милиони долари, односно зголемување за 13 проценти во однос на претходната. За споредба, во 2015 година трговската размена изнесувала околу 350 милиони евра. Но, растечките бројки од 2018 година почнаа да се намалуваат во 2019-та, што во јавноста се толкуваше како очекувано „ехо“ на политичките случувања на релација Софија - Скопје.
План за забрзан економски раст
Според аналитичарите, токму затоа соработката и враќањето на довербата се исклучително важни, бидејќи кога има недоверба стагнира економската размена и еродира мотивацијата кај инвеститорите, со оглед дека никој не сака да инвестира кога има неизвесност. Тие околности во голема мера треба да бидат надминати и низ активностите на првата работна група. Таа денеска ќе разгледува план за забрзан економски раст, со преглед на финансиските инструменти, стратегиските програми за иновации, индустриската политика и конкуретната способност, а ќе бидат направени и презентации на работата на фондовите за иновации на двете земји, програмите и можностите предлагани од банките за развој, на можностите за страт-ап, претпримништво и за развој на селските реони.
Имајќи го предвид широкиот спектар на теми, на седницата на работна група ќе има присутни од сите институции надлежни за овие прашања. Од македонска страна во работна група се вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министрите за економија и земјоделство, Крешник Бектеши и Љупчо Николовски и тројца директори - на Развојната банка на Северна Македонија Кире Наумов, на Фондот за иновации и технолошки развој Фестим Халили, и на Агенцијата за странски инвестиции Беким Емини. Од бугарска страна ќе присуствуваат замениците-министри за финансии и земјоделие Андреј Цеков и Атанас Добрев, директорот на Извршната агенција за мали и средни претпријатија Бојко Таков, претседателот на Надзорниот совет на Бугарската банка за развој Валентин Михов, и претставници на други институции.
По оваа, на 7-ми февруари во Софија ќе заседава и групата за инфраструктура, на 14-ти во Скопје ќе се сретне групата за евроинтеграции, а на 21-ви групата за култура и образование. Една недела потоа средба ќе има и заедничката Комисија за историски и образовни прашања. Тие циклуси на средби ќе продолжат да се повторуваат со иста динамика, односно, секоја работна група ќе има средби секоја петта недела.