1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Сертификатот за прележан ковид ќе важи 180 дена

ДТЗ
8 февруари 2022

Комисијата за заразни болести повикува за вакцинација и за примање на трета доза за поголема заштита. За еден месец починале шестмина со бустер доза, но имале карцином, дебелина и проблеми со срцето.

https://p.dw.com/p/46gwW
Nordmazedonien | Impfzentrum in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Комисијата за заштита од заразни болести предлага сертификатите на граѓаните кои прележале Ковид-19 да важат 180 дена, од денот кога е направен позитивен ПЦР тест, а не како досега 45 дена. Засега не се размислува за укинување на ваквите сертификати. Портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ на денешната прес-конференција потенцираше дека се уште е рано за укинување на сертификатите, со оглед на тоа дека има голема трансмисија на вирусот. 

„Ако ги укинеме сертификатите за затворен простор ќе направиме голема трансмисија на вирусот. Во земјите каде сертификатите се укинати, како Данска и Велика Британија, вкупниот имунитет од вакцинација е многу поголем. Во Данска е вакцинирано 85 отсто од населението, во Велика Британија 80 проценти, а кај нас двојно помалку- околу 40 отсто“, вели Мехмедовиќ. 

Широка трансмисија на вирусот 

Комисијата смета дека не треба да укине ниту носењето на маски во училиштата. Тие најавува скрининг во училиштата, за да се види дали има трансмисија на вирусот меѓу учениците. 

Комисијата апелира граѓаните да се вакцинираат, а особено препорака се упатува кон повозрасните лица и за оние коишто се во ризична група да примат бустер доза за подобра заштита од болеста. Ваквите апели се базираат врз основа на најновиот извештај на Институтот за јавно здравје кој покажува дека во јануари годинава шест лица коишто примиле бустер доза завршиле со смртен исход.

„Сите имале дополнителни болести како карцином, дијабет, кардиоваскуларни болести и обезност“, вели претседателот на Комисијата, Александар Петличковски. 

Комисијата донела препорака и за упатствата за лекување на пациенти од Ковид-19, кои треба да бидат објавени на сајтот на Министерството за здравство и на Лекарската комора и дополнително испратени до матичните лекари, како и ковид-центрите со цел да се олесни достапноста и нивната примена.

Од денеска е во функција е и платформата на која секој граѓанин кој има потреба да дојде до сопственото решение за изолација ќе има пристап и увид до своите податоци. Пристапот е можен преку банер на веб-страницата на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, или директно преку порталот Вакцинација.мк.