Сепаратистите бараат специјален статус за источна Украина
2 септември 2014Се чини дека сепаратистите во источна Украина веќе не бараат независна држава „Новоросија“ (Нова Русија или Новорусија, н.з.), но затоа бараат специјален статус. Ваквата информација доаѓа од известувачите од втората средба на Контакт групата за Украина во Минск. На четиричасовната средба страните во конфликтот размениле документи со своите позиции. Тие сега треба да се проверат и разговорите би можеле да продолжат во петок, изјави лидерот на сепаратистите Андреј Пургин (на насловната фотографија лево).
Во документот со девет точки, сепаратистите, меѓу другото, бараат ставање крај на украинската воена операција, потоа прекин на огнот и ослободување на затворениците. Русија и ОБСЕ посредуваат во Контакт групата меѓу украинската страна и сепаратистите.
Германската канцеларка Ангела Меркел и‘ се закани на Русија со нови санкции поради конфликтот во Украина. „Русија се обидува да ги помести постоечките граници со закана или дури и употреба на насилство“, изјави таа вчера (1.09) во Буднестагот. „Станува се‘ појасно: од почетокот се работи не само за конфликт во рамките на Украина, туку за судир меѓу Русија и Украина.“ Вакво кршење на меѓународното право не смее да остане без последици. ЕУ затоа разговара за нови санкции против Москва.
Како реакција на конфликтот со Русија, НАТО сега сака значително да го зајакне своето присуство во Источна Европа. Генералниот секретар Андерс Фог Расмусен во Брисел изјави дека алијансата планира сили за брза интервенција, кои во најкус можен рок можат да бидат распоредени во регионите каде што има опасност од конфликт. Соодветни заклучоци треба да бидат донесени на самитот на НАТО во Велс. Алијансата има изработено акционен план со кој значително треба да биде зајакнато присуството и способноста за реакција на НАТО во кризи. Тежиштето на тој акционен план е ставено врз продорна трупа, т.н. „Врв на копјето“, која треба да осигура безбедност во државите членки на НАТО.