1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сепак нема да има судир на Балканот

Драгослав Дедовиќ/ Превод:сн/жа3 ноември 2015

Регионалните медиуми вака ја толкуваат изјавата на Меркел: Ако Германија ги затвори границите, На Балканот ќе има војна. Пораката меѓутоа не е упатена до Балканот, туку до германската јавност, смета Драгослав Дедовиќ.

https://p.dw.com/p/1GywK
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Heinl

Што точно рече Ангела Меркел? „Не би сакала таму (на Балканот) повторно да станат неопходни воени судири“. Германската канцеларка додаде: „Не сакам сѐ да гледам црно. Ама тоа може да се случи побрзо отколку што мисли човек, кавгата да се претвори во судир, а од тоа да произлезат работи кои никој од нас не ги сака“.

Сепак, почекајте пред да почнете да купувате конзерви, брашно и масло, за не дај Боже. Да размислиме најнапред каде тоа го изјави канцеларката. На средба која ја организираше нејзината партија.

Значи пораката не беше испратена до луѓето од Балканот, туку до германската јавност, пред сѐ до партиската база на Христијанско-демократската унија (ЦДУ). А базата мнозински и се налути на „Мама“, како што одамна од милост ја нарекуваат канцеларката Меркел.

А зошто конзервативните слоеви се налутија? Затоа што Ангела Меркел преку ред пушти сириски бегалци преку германско - австриската граница, отфрлајќи земјата да ја заобиколи со бодликава жица како унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Што потцени германската канцеларка?

Германската ЦДУ е партија на редот и поредокот која е скептична кон доселувањето и која во својата идеологија има и реченица која еднаш ја изговори токму и Меркел: Мултикултурноста е мртва. И сега истата таа канцеларка смета дека е невозможно со жица да се задржат луѓето кои решиле да избегаат од злото и да се спасат на слобода. таа ја повторува својата мантра: „Ќе успееме, ќе го совладаме предизвикот!“, дури и кога станува јасно дека во Германија до крајот на годината ќе дојдат еден милион бегалци. Меѓутоа, Ангела Меркел потцени неколку работи:

Прво нејзиниот оптимизам го изиритира нејзиниот уште поконзервативен коалициски партнер Хорст Зехофер, кој ја предводи баварската верзија на ЦДУ, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ). Тој бара затворање на границите,транзитни зони од кои луѓето кои немаат документи и кои доаѓаат од „безбедни земји на потекло“ веднаш ќе бидат враќани назад. Изгледа дека сѐ повеќе Германци мислат како Зехофер. на десниот раб на политичкиот спектар популистите како партијата Алтернатива за Германија добиваат сѐ поголема поддршка. А една од партиските заповеди на баварските конзервативци е да не смее да има ниту една политичка опција десно од ЦСУ. Значи одговорот на Зеховер на универзалната хуманост на неговата канцеларка беше вклучување на десниот трепкач и жолчна коалициска кавга.

Dragoslav Dedovic Kommentarbild App
Драгослав Дедовиќ

Второ, шефовите на држави или на влади на Европската унија главно ја оставаат на цедило, не сакајќи да понесат дел од товарот, а некои дури и ја критикуваат за „морален империјализам“, затоа што станала „бегалска мајка“.

Трето, нејзините изјави дека не постои горна граница за уставно загарантираната заштита на политички прогонетите и од војна загрозените е точна, но може за неа да биде кобна. Зашто, и дома и во Европа и‘ приговараат дека со тоа директно ги повикува Сиријците од турските, либанските и јорданските бегалски кампови да дојдат во Германија.

Дефанзивен рефлекс

Колку е Ангела Меркел осамена во своето конзервативно опкружување може да се види од фактот што поранешниот грчки министер за финансии Јанис Варуфакис, истиот оној кој во Меркел до неодамна гледаше олицетворение на капиталистичкото зло, сега изјави дека е горд на Ангела Меркел поради нејзиниот став во бегалската криза. Кога заколнатиот левичар ја фали демохристијанската канцеларка, додека нејзините конзервативни следбеници сѐ погласно негодуваат, тогаш нејзината позиција е неблагодарна.

Затоа, предупредувањето од можни воени судири на Балканот настана од дефанзивниот рефлекс на Меркел. Таа всушност на својата база и‘ вели: ако не ги примиме бегалците, ќе избие војна. Имплицитно, тоа е обид за морална уцена, создаден поради тоа што најмоќната жена во светот се најде во политички теснец. Германската канцеларка станува сѐ помалку омилена и во нејзината влада, и во партијата, и во народот и во Европа.

Нема веројатно пак нешто да не‘ снајде?

Меркел повторно го потцени дејството на своите зборови надвор од Германија - овојпат на Балкан. Зашто кога толку моќна личност предупредува дека војната е во доменот на можност, тогаш граѓаните во балканските држави, во кои војните од 90-те години на ментален план уште не се ни завршени, можеби ќе поверуваат. Не дека токму ќе навалат на самопослугите и ќе ги испразнат полиците и ќе ги наполнат визбите, но покрај своите секојдневни маки, понекој ќе носи копкање на стравот во стомакот - нема веројатно да не‘ снајде пак некоја катастрофа? Нема. Ако Германија ги затвори границите, тогаш тоа според системот на домино коцки кои паѓаат, ќе го направат сите -од Австрија, преку Хрватска, Србија, Македонија. А ни членките на НАТО, Грција и Турција, нема да вперат оружје една во друга. Војната во бивша Југославија е жива како траума. Но, нема идеолошка, економска и воена логистика, па е неможно да се обнови. Во прашање е само тоа што „Мама“ е уплашена, па сега ги плаши своите деца. Но сиротите комшиски деца, мислеа дека ним им се обраќа.