1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Семинарот во Охрид - дел од грижата за македонскиот јазик

Милчо Јованоски15 јуни 2014

Годинава се одбележуваат 70 години од официјализирањето на македонскиот јазик како службен. Научници го подготвуваат новиот Правопис и уверуваат дека нема да има промена на азбуката.

https://p.dw.com/p/1CIhB
Фотографија: DW/Milco Jovanoski

Македонскиот јазик и официјално е официјален, државен јазик во Република Македонија. Се покажа дека за овие седум децении тој го заслужува статусот, вели д-р Људмил Спасов од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје.

Сега тој е стандарден јазик во Македонија, го изучуваат Македонците во околните држави и Македонците насекаде низ светот, се создава и уметничка продукција на македонски јазик. Треба да вложиме извонредни сили да го еманципираме, да го етаблираме македонскиот јазик во рамките на Европската унија, бидејќи таму ни е местото, а македонскиот е еден европски јазик. Она што е многу убаво е фактот дека Семинарот е приклучен дел од афирмацијата на македонскиот јазик.“

Д- р Спасов индиректно ја прозва државата да помогне да се зачуваат лекторатите по македонски низ светот:

„Семинарот треба да добие уште поголемо значење. Да работи и да функционира цела година, а Летната школа за македонски да остане како и досега. Меѓутоа, истовремено се плашам дека бројот на лекторатите по македонски низ Европа, САД , Канада и Австралија постепено ќе се намалува, што не е вина само на државите домаќини, бидејќи е факт дека воопшто се намалуваат средствата за славистиката, но е вина и на нашата држава која што треба поорганизирано да пристапи кон решавањето на овие прашања и мислам дека така ќе го постигнеме големиот успех.“

Ljudmil Spasov
Фотографија: DW/Milco Jovanoski

Догодина нов Правопис на македонскиот литературен јазик

Долго во Македонија се полемизира околу потребата од нов Правопис и осовременувањето на јазикот. Научниците се претпазливи по ова чувствително прашање.Секој јазик не е статичен и се менува. Меѓутоа македонскиот е стандарден јазик и е доволно современ и не сум за револуционерни решенија и менувања. Тоа може да доведе или до бугаризација или до србизација или до некоја друга – изација. Но факт е дека треба речникот, правописот и проблемите кои се јавуваат со пишувањето на голема буква, слеано и разделено пишување на зборови да се подобрува и да се фати чекор со современата состојба,“ смета д- р Спасов.

Д -р Елка Јачева – Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје е член на редакцијата за подготовката на новото издание на Правописот на македонскиот јазик во која се и нејзините колешки д-р Снежана Веновска – Антевска и д-р Симона Груевска – Маџовска, како и д-р Живко Цветковски и д-р Симон Саздов од Филолошкиот факултет „ Блаже Конески “ од Скопје Таа објаснува дека Проектот се спроведува со одлука на Владата на РМ и дека издавањето на новиот правопис е планирано за догодина.

„Нема промена на азбуката. Тоа го кажавме и во елаборат за Правописот дека нема промена на азбуката. Не зборуваме за реформа, туку само за подновување на Правописот. Сите поглавја ќе бидат дополнети, некои примери коишто се остатоци од еден завршен систем ќе се променат со нови современи примери и онаму каде што најчесто од практиката се појавуваат проблеми, таму ние како научници ќе дадеме едно конечно недвојбено решение“, децидна е Јачева – Улчар.

Обичниот Македонец е загрижен за сопствениот јазик – каде е државата?!

„Ако зборуваме како јавност, мислам дека од ова што го гледам по социјалните мрежи, обичниот Македонец е многу загрижен за својот јазик и постојано поставува прашања и сака правилно да пишува и зборува. Што се однесува до тоа што државата треба да прави – сметам дека треба да се обрне повеќе внимание на вработување на млад кадар во Институтот за македонски јазик. Научен кадар не се создава преку ноќ, потребни се минимум 10 години би требало час поскоро да се случи подмладувањето“, вели д-р Јачева Улчар. Во однос на спроведувањето на Законот за употреба на македонскиот јазик, таа признава дека тој не е извршен и дека се прават напори за измени и дополнувања, за ефектите од него да станат видливи.

Mazedonien Buchhandlung in Skopje Bücher
Фотографија: DW

Новина на Семинарот за македонски – Курс по креативно пишување

„Курсот ќе биде со неколку тематски блокови од кои едниот е посветен на љубовната поезија. Преку примерите на нашите великани ГанеТодоровски, Петре М. Андреевски, Блаже Конески, Радован Павловски и современите поетски етиди, семинаристите ќе имаат можност да создадат креативни творби. И на овој начин ќе дојдеме до една голема синергија помеѓу Македонија и светот,“ ни рече д-р Кристина Николовска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Според д-р Николовска, секој културен човек и јавна личност мора добро да се изразува. Писмените испити кои станаа практика во македонското образование и полагањето тестови со заокружување ја ограничуваат таа креација.

„Има перфектни стручњаци, специјалисти кои за жал многу се слаби во јавното изразување. Младите сакаат да се изразуваат добро, не се срамат да зборуваат литературно, постои желба, но таа треба да се негува стратешки,“ вели Николовска. Прашуваме - можен ли е кодекс на зборување во образованието на чист македонски литературен јазик, ако не по сите предмети тогаш барем на мајчиниот- македонски? Д-р Николовска смета дека такви мерки очигледно се веќе неопходни, за литературниот јазик во образованието и медиумите да се одбрани од дијалектите, кои сепак се богатство. Ако сами не сме свесни, ќе треба нешто и системски да се реши, додава д-р Николовска.