1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Секоја страна со сопствени услови за „Женева 2“

СН/ам/ртр/мф/дпа/миа/ап6 мај 2014

Русија порача дека ќе учествува на нови мировни разговори во Женева само ако на нив бидат поканети и активистите од источна Украина. Киев, пак, е подготвен за разговори, ако Русија ги поддржи претседателските избори.

https://p.dw.com/p/1Bug6
Фотографија: picture-alliance/AA

Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, изјави денеска во Виена дека Москва е подготвена за нов состанок за Украина, но под услов на него да присуствуваат сите страни, вклучувајќи и активисти од источна Украина.

„Состанок со ист формат како оној во Женева од 21 април, на кој опозицијата не би учествувала, не би имал корист и не не’ приближува до решение“, изјави Лавров на прес-конференција на маргините на министерската конференција на Советот на Европа во Виена.

Предлогот за „Женева 2“ беше даден пред неколку дена од шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмаер. Тој побара национален дијалог во Украина во кој би се сослушале сите страни, меѓу кои и од југот и истокот на државата.

Украина, пак, од своја страна порача дека е подготвена да поддржи нов круг од преговорите во Женева, ако Русија ги поддржи претседателските избори на 25 мај. Украинскиот министер за надворешни работи Андреј Дешчица, по седницата на министрите за надворешни на Советот на Европа во Виена, истакна: „Ако Русија е подготвена да ги преземе ангажманите, дека ќе ги поддржи изборите, ќе ја елиминира поддршката за екстремистичките елементи во Украина, тогаш ние сме подготвени да спроведеме таков круг од преговори“, рече Дешчица.

Тој уште потенцираше дека владата во Киев може да поддржи друг круг од преговорите во Женева, ако сите страни се договорат да го применат документот, што таму ќе биде договорен. Дешчица меѓутоа го отфрли барањето на Русија во новите разговори за Украина во Женева да бидат вклучени и проруските сепаратисти. Од друга страна, украинскиот парламент во Киев денеска не прифати да биде организиран консултативен референдум на 25 мај за иднината на државата. На затворена седница на Врховната рада на Украина за одржување референдум гласаа 154 пратеници, а беа неопходни 226 гласови „за“.

На референдумот требаше да се одговори со „да“ или „не“ на две прашања: „Дали го поддржувате територијалниот интегритет на Украина одреден со Уставот“, и второто прашање: „Дали поддржувате одлука на локалните совети да биде воведен заедно со украинскиот и друг јазик во региони каде мнозинството зборува на тој јазик“.

Седницата ја напуштија пратениците на Партијата на регионите во знак на протест поради тоа што беше затворена за јавноста.