1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Секој сака да е лидер во регионот

Ивица Петровиќ / К. Краљевска27 август 2015

Земјите од Западен Балкан на патот кон ЕУ се соочени со нови предизвици. Покрај веќе постоечките, сега е тука и проблемот со бегалците. Бројни се темите за самитот ЕУ-Западен Балкан во Виена...

https://p.dw.com/p/1GLKE
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Brakemeier

Самитот во Виена е значаен заради обединување и хармонизирање на заеднички интереси на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ, оценува за ДВ Ненад Ѓурѓевиќ од белградскиот Форум за етнички односи. „Секако дека е значајно и тоа што земја како што е Германија презеде иницијатива околу тоа и мислам дека таа иницијатива придонесе да дојде до приближување на Србија и Албанија, а на тој начин и приближување и преговори меѓу Србија и Косово. Ми се чини дека без тој напредок нема да може да говориме за успешност на овој процес“, вели Ѓурѓевиќ.

Кој или што му пречи на Западниот Балкан?

На минатогодишниот самит на некој начин доминираа две теми - една за политичкиот дијалог меѓу Белград и Приштина, а втората за стабилност на Босна и Херцеговина. Ненад Ѓурѓевиќ смета дека постои голем број странски и локални актери на кои не им одговара се’ она што е постигнато со Бриселскиот договор, и тука ќе биде потребно да се вложи доста енергија за да се отстранат локалните и други пречки за договор со Приштина и Косово. Што се однесува до БиХ, последната година меѓу два самита дојдовме до јасни сознанија кои се тамошните проблеми и кои се противници на реорганизација и политички договор за иднината на БиХ, бидејќи се покажа дека ваква состојба ги попречува работите и го онезвозможува натамошниот пат на БиХ кон ЕУ, вели ѓурѓевиќ. „Мислам дека тука пред се’ влијае Русија, која се обидува да остане значаен играч на Балканот, а секое натамошно приближување на Балканот кон ЕУ го ослабнува тоа влијание. Тоа Москва никако не сака да го дозволи“, нагласува тој.

Бегалците - нова тема

Самитот во Виена пред се’ има своја политичка агенда, а тоа значи натамошна стабилизација на Западен Балкан, како преку политичка стабилизација, така и преку економски и инфраструктурни вложувања, потенцира Ѓурѓевиќ. „Новата ситуација во однос на минатата година е голем притисок врз бегалците од Блиски Исток и тоа сигурно ќе биде една од темите. Ми се чини дека тој нема да влијае врз стабилноста на Западниот Балкан, но тој покажува како се менуваат трендовите и колку државите мора да бидат подготвени за нови предизвици“, забележува тој.

Мислам дека најзначајно достигнување на самитот за земјите од Западен Балкан е фактот дека лидерите на тие земји разговараат, вели за ДВ новинарката Тања Јакоби. Друго значајно достигнување, доколку нешто од тие планови се оствари, е инфраструктурно поврзување, кое би можело да биде многу важно за привлекување на некои поголеми инвестиции. Тоа можеме да го видиме и од примерот на земјите од Вишеградската група, кои со меѓусебно поврзување успеаја да привлечат бројни мултинационални компании, што помогна за развој на нивните економии.

Улогата на Хрватска

По минатогодишниот самит можеа да се чујат проценки за тоа дека речиси сите лидери од Западен Балкан, своите земји ги претставуваа како некакви „лидери во регионот“. Ненад Ѓурѓевиќ вели дека е тоа тажна ситуација во земјите, кои по економска и политичка сила не претставуваат значајни играчи на меѓународната сцена. „Оттука, мислам дека и средбите во Виена мора да го покажат значењето на географската, економската и секоја друга комплементарност на земјите од Западен Балкан. А таа комплементарност е предност на тие земји и за нивниот пат кон ЕУ и за инвестиции и за се’ друго. Ако не се игра на таа карта мислам дека од лидерството на земјите на Западен Балкан нема да има многу полза“, вели Ѓурѓевиќ.

Во текот на изминатата година е забележана криза, па и влошување на меѓусебните односи на земјите од Западен Балкан. Ненад Ѓурѓевиќ смета дека таа ситуација може да се поправи доколку дојде до конкретен договор околу политичкиот и економскиот настап на регионот. Хрватска, како членка на ЕУ, секако ќе се однесува како да е незаинтересирана за другите земји од Западен Балкан, но истовремено ќе се обидува и да игра активна улога кон тие земји. Со оглед на тоа што Хрватска ја очекуваат избори, навистина е тешко да се прогнозира како тие односи во регионот натаму ќе се развиваат пред да се завршат изборите, вели Ѓурѓевиќ.

Граѓанско општество - нов момент на самитот

Ми се чини дека е особено важно да се истакне оти во рамките на овој самит за првпат ќе се појават и претставници на граѓанското општество од земјите на Западен Балкан, потенцира Тања Јакоби. Граѓанското општество ќе има малку поразлична агенда од основниот тон на самитот. Тоа, пред се’, се прашањето за положбата на работната сила и пазарот на трудот, потоа прашањето за изградба на култура на дијалог на Балканот, и како трето прашање - слобода на изразување и слобода на медиуми, на што Европа придава особена важност. „Добро е што тие теми се нашле на дневен ред и можно е тие да станат и дел од условите за земјите од Западен Балкан доколку сакаат да напредуваат во европските интеграции“, вели Тања Јакоби и заклучува: Донекаде имам впечаток дека овој самит е обид на некој начин да се испеглаат сите проблеми кои во меѓувреме се појавиле меѓу земјите од Западен Балкан. А сите тие проблеми некако ми се чинат како дел од политички фолклор и за внатрешна употреба. Понекогаш тие се во фукнција на изборни кампањи, или настануваат поради тоа што некој сака да ја утврди својата политичка позиција, или поради тоа што некој сака да го сврти вниманието од многу поважни внатрешни проблеми.“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема