1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Секој политичар би постапил како Хитлер“

Даниел Белут
5 октомври 2018

Дојче веле ексклузивно ги открива ревизионистичките изјави на функционер на Младата Алтернатива, партиската младина на АфД. Оваа партија, а посебно нејзиниот подмладок, имаат тесни врски со екстремни десничарски групи.

https://p.dw.com/p/3615T
Lars Steinke, Straßenwahlkampf AFD
Фотографија: picture-alliance/dpa/S.Pförtner

Поранешниот покраински шеф на Младата Алтернатива за Долна Саксонија, Ларс Штајнке (на насловната фотографија) ѝ стана познат на пошироката јавност преку негов пост на Фејсбук на почетокот на август. Во него, Штајнке го оцрни атентаторот на Хитлер, Клаус Шенк фон Штауфенберг како „предавник“ и „кукавица“, по што ја загуби партиската функција.

Блискоста на Штајнке со националсоцијалистичките идеи во партијата беше позната уште пред неговиот пост на Фејсбук. На Дојче веле од инсајдерски извори му е позната ревизионистичка изјава на Штајнке, кој во тонска снимка во разговор со колега тврди дека квалификацијата на нападот на нацистите врз Полска во септември 1939. како освојувачка војна претставува „фалсификување на историјата“. Хитлер „бил принуден“ да постапува на таков начин. „Секој друг политичар би постапил исто како и Хитлер и би навлегол со војска“, гласи неговата аргументација, во духот на пропагандата на Хитлеровиот режим. На прашање на Дојче веле, Штајнке не сакаше да каже ништо во врска со снимката, а ниту партијата АфД не даде никаков одговор.

Штајнке не е изолиран случај

Случајот Штајнке не е никаков исклучок. Младинската организација на АфД засилено се радикализира. И Службата за заштита на уставниот поредок веќе се активираше: во две германски покраини, Бремен и Долна Саксонија , таа веќе ја стави под надзор „Младата Алтернатива“. Границите меѓу младинската организација на АфД и десноекстремистичките групи се порозни, иако МА се труди да зачува граѓанска фасада.

Нејзиниот претседател Дамијан Лор се презентира како „чист“ и го критикува надзорот од разузнавачката служба како „нелогичен“. „Ниту одделни покраински организации, ниту пак Младата Алтернатива како целина се организации кои работат спротивно на уставот“, се вели во соопштение за медиумите. Лор укажува на разрешувањето на Штајнке од функцијата покраински партиски шеф и постапката за партиско исклучување, што, според него, јасно ја демонстрира „консеквентноста во партиските редови против тенденциите спротивни на уставот.“

Лор, кој на чело на МА е од февруари 2018. година, не може воопшто да докаже консеквентност, и изјавата на Штајнке за нападот на Хитлер врз Полска е останата без последици, а притоа, според интерни извори, нему му била позната. Штајнке пак за Дојче веле тврди - тој не смета дека ќе биде избркан ни од партијата , ни од челното место во покраинското партиско раководство, веќе има вложено жалба.

Damian Lohr
Дамјан Лор негира врски со десничаритеФотографија: picture-alliance/dpa/A. Prautzsch

Замаглување на очигледното

Лидерот на МА, Лор учествува во радикализацијата на организацијата. При една средба со Дамијан Лор летоска, репортерка на Дојче веле можеше сама да се увери дека тој ги замаглува врските со десноекстремистичкото милје. Во таа прилика Лор учествуваше на сојузен конгрес на младинската организација на АфД во близина на тириншкиот град Ајзенах, а во интервју за Дојче веле тврдеше дека не постои никаква комуникација со десноекстремистичката расистичка група Идентитетско движење, кое е набљудувано од Службата за заштита на уставниот поредок.

Но, токму пред да го тврди тоа, Лор за потребите на промотивен спот го снимаа камермани од фирмата „Архетип ГмбХ“. Оваа продукциска куќа припаѓа на Филип Штајн, основач на движењето „Еден процент“, кое себеси се претставува како десничарска опозициска група, испреплетена со Идентитетското движење.

Постојат многу примери кои покажуваат дека ова не се осамени случаи. Франциска Шрајбер, млада жена која ја напушти партијата и за тоа напиша и книга, „Внатре во Афд“, наведува дека уште во 2014. година, по основањето на партијата, половина од партиската младина го симпатизирала Идентитетското движење.

„Навистина постои широка соработка меѓу Млада Алтернатива и Идентитетското движење“, вели за Дојче веле Хајо Функе, еден од најпознатите истражувачи на десничарскиот екстремизам во Германија. Тој укажува дека не е реткост соработката со десничарите да ја водат токму лидерите на покраинските и регионалните ограноци на партиската младина.

Повеќе: 

Сепак нема „слепило на десното око“

Кој е лекот против десниот радикализам?

Како АФД ги „минира“ митинзите на Меркел

Партискиот врв се оградува

Во самата партија, моментно според некои анкети втора најсилна во земајта, се води остра дебата во врска со тоа - на колкава дистанца треба да се биде од десничарските групи. Кога Идентитетското движење во 2016. година беше ставено под надзор на државните служби, АфД дури донесе „заклучок за неспоивост“ на членство во АфД и ова движење. „Ако некој сега соработува со припадници на Идентитетско движење, тогаш нема што да бара кај нас“, вели за Дојче веле Јерг Мојтен, копретседател на АфД.

Партискиот врв се залага за распуштање на партиската младина во две покраини, Бремен и Долна Саксонија, за да се избегне целата партиска младина да стигне под надзор на Службата за заштита на уставниот поредок. Според инсајдери, постојат тешкотии во Млада Алтернатива да се обезбеди мнозинство за таква одлука. За тоа ќе се рашава на вонреден конгрес во средината на октомври.