„Секој глас е глас за демократијата“
6 април 2014Американскиот претседател Барак Обама парламентарните избори во Авганистан ги оцени како „важен патоказ“ на патот на земјата кон демократска и иднина за која Авганистан самиот ќе понесе одговорност. „Овие избори се одлучувачки за Авганистан да обезбеди демократска иднина и продолжување на меѓународната поддршка“, рече Обама. САД ќе соработуваат и со новата влада, дополни претседателот. Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен исто така честиташе: „Секој глас се брои и секој глас е глас за демократијата“.
Во говорот до нацијата актуелниот претседател Хамид Карзаи оцени дека изборите и големото учество на нив се „неколку чекори во правец на мирот, стабилноста и развојот“. Тој го пофали „големото достигнување на народот, нашите сили за безбедност и сите претставници на властите, кои имаа удел во одржувањето на изборите“.
Милиони Авганистанци вчера им се спротивставија на заканите од талибанците и излегоа на изборите за нов претседател. Според проценките на Изборната комисија, на историските избори учествувале околу седум милиони, од преку дванаесет милиони граѓани со право на глас. Имено, изборите се сметаат за прва демократска смена на власта во историјата на земјата. На некои места, поради голем интерес на граѓаните да го дадат својот глас, се потрошија избирачките ливчиња, а гласањето беше продоложено за еден час во целата земја. На изборите во 2009 година учествуваа околу 30 проценти од гласачите.
За време на изборниот процес беа регистрирани повеќе инциденти, меѓутоа изостана бранот насилства на избирачките места со кој се закануваа талибанците.
Фаворитите се жалат на неправилности
По изборите започнува официјалното пребројување на гласовите. Првичните делумни резултати на Изборната комисија во Каубл се очекуваат на средината на наредната недела. Официјалните резултати изборната комисија ќе ги соопшти на 14. мај. Доколку никој од кандидатите не освои апсолутно мнозинство, на 28. мај ќе се одржи втор круг гласање.
На изборите има осум кандидати за наследник на претседателот Хамид Карзаи, кој по два мандата веќе не смее да се кандидира. За фаворити се сметаат поранешните министри за надворешни работи Абдула Абдула и Салмаи Расул и поранешниот министер за финансии Ашраф Гани.
Абдула и Гани во меѓувреме се пожалија на неправилности и обиди за измама при гласањето. Набљудувачите од неговата партија может да посведочат „јасни измами“ во некои изборни места, изјави Гани. Абдула рече дека приврзаниците на неговата партија поднесле повеќе жалби. Меѓу нив, на пример, се и оние дека десетици, па дури и стотици илјади избирачи не можеле да гласаат поради тоа што недостасувале избирачки ливчиња.
Повеќе од 350.000 сили за безбедност ги обезбедуваа претседателските избори во Авганистан. Ова се последни избори пред трупите на НАТО да ја напуштат земјата на крајот на годинава. Сите тројца фаворити за претседател најавија дека во случај на победа ќе го потпишат договорот за безбедност со САД, што е предуслов за помал ангажам на НАТО за обука и поддршка на авганистанските сили за безбедност од 2015 година. Карзаи одби да го потпише од овој договор и покрај апелите од земјата и од странство.