Сезона на протести во Македонија
24 март 2017Од зградата на владата до Собранието, со недели секој работен ден маршираат илјадници луѓе во Скопје. Она што започна како натпартиски марш под мотото „Македонски марш – завет за Македонија“ организиран од Македонското патриотско здружение „Тврдокорни“ по само неколку дена прерасна во „граѓански“ марш под мотото „За заедничка Македонија“.
Поранешната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ отфрла каква било поврзаност со протестите кои се насочени против заканите од т. н. „Тиранска платформа“ и апелираат за заедничка и мултиетничка Македонија. Промената во наративот на протестите се случи по интервјуто на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски за Сител, кој им порача на граѓаните дека „се во заблуда доколку сметаат дека со седење дома и гледање телевизија некој друг ќе им ја одбрани државата“.
Оттогаш протестите добија на масовност, а се приклучија и бројни јавни личности кои секојдневно им се обраќаат на демонстрантите.