Хакери во лов на податоците за вакцината на Фајзер
16 февруари 2021Според извештаи од Јужна Кореја, врз Фајзер бил извршен хакерски напад заради кражба на технологијата за вакцината против коронавирус. Ова го соопшти денеска јужнокорејската новинска агенција Јонхап, повикувајќи се на информации од јужнокорејската тајна служба НИС. Кога бил извршен нападот врз американскиот партнер на германскиот производител на вакцини, Бионтек, не е попрецизно наведено. Фајзер засега не ги коментира извештаите.
Во втората поовина од ланската година хакер, за кој се претопставува дека работел по налог на Северна Кореја, се обидел да обезбеди пристап до повеќе фармацевтски концерни, меѓу кои и Џонсон и Џонсон и АстраЗенека. Во декември беше извршен сајбер напад и врз Европската агенција за лекови, ЕМА, во обид да се дојде до документите за вакцини на Бионтек/Фајзер и американскиот концерн Модерна.
Во текот на пандемијата на коронавирус е во порастсајбер шпионажата во здравствениот сектор. Според проценки на експерти, Северна Кореја е веројатно повеќе заинтересирана за продажба на украдени податоци отколку за нивно користење за развој на сопствени вакцини. Северна Кореја во голем број наврати е обвинувана за обиди со цела армија хакери да допре до доверливи податоци на фирмите и на тој начин да заработи пари со кои би се наполниле хронично празните државни каси на меѓународно речиси целосно изолираната земја.
Северна Кореја досега нема пријавено ни еден единствен случај на коронавирус, на крајот на јануари 2020 година ги затвори границите за да спречи влез на вирусот, но според проценките на јужнокорејската тајна служба, не е исклучено избивање на зараза, дотолку повеќе што коронаврусот беше проширен во Кина, која го снабдува соседот со трговска стока и пратки помош. На Пјонгјанг до крајот на оваа година треба да му бидат испорачани околу две милиони дози од вакцината на АстраЗенека.