Северна, ти калеша неверна
13 јуни 2018Еден ден по објавата за решението на проблемот со името, се фаќам себеси како барам работи кои ми изгледаат различни. Проверувам дали комшиката сѐ уште го тресе чаршафот од тераса преку сите коли, дали сѐ уште пешаците мораат да прават голманска „парада” кога поминуваат скопските нервозни возачи, дали уште редот пред шалтер изгледа како групен секс, каде пола од оние зад тебе се залепени во групна прегратка и ти дишат во врат... сѐ ми изгледа исто, човече. Добро е, изгледа идентитетот сепак ќе го задржиме.
Шегата на страна, мислам дека сѐ уште сме во блага неверица околу фактот дека без Трета светска војна, успеавме да дојдеме до компромис по ова суштинско прашање, после повеќе од две децении. И тоа по 25 години жабарник, одеднаш за неколку месеци го решивме проблемот не еднаш, туку двапати. Затоа мислам дека е многу важно да се ориентираме на вистински начин околу овој проект, еден од најважните од осамостојувањето, и да ги погледнеме на вистински начин предизвиците кои следат. За да не бидеме приморани да го решаваме по третпат.
Претходни колумни на авторот на оваа тема:
-Република Whatever Македонија
Прво, да го погледнеме малку самото решение. Во основа, компромисот од двете страни изгледа јасен и едноставен: ние добиваме идентитет, а даваме опсег (каде се вклучени и уставните промени). Грција добива erga omnes, а признава дека постои македонски идентитет - јазик, нација, култура, наследство итн. За секоја од овие точки има мали варијации, по сѐ изгледа неопходни поради политичката ситуација во двете земји, но симплифицирано, ова се контурите на договорот. Ах, да, и ние добиваме НАТО и ЕУ веднаш, т.е. во секвенци како што е предвидено во договорот. Ах, да, и името не било споено. И македонскиот јазик ќе се преведува како што баравме. И македонската нација ќе се преведува како што баравме. И приказните дека Грција барала да го нема зборот „македонски” не биле вистинити. А упорните тврдења на преговарачите дека ќе го заштитат идентитетот, тие биле вистинити. Затоа, вака, „на прва”, ми изгледа дека придобивките се поголеми одошто жртвата.
Мислам дека инсистирањето на Грција за севкупна употреба не нелогично, иако нам ни изгледа трагично. Во основа, пораката од меѓународната заедница, која целосно застана зад договорот, е: прекршете се. Ако прифаќате промена, прифатете ја, не се "фемкајте”, пораснете – не инсистирајте на решение кое истава простор и за вас залудно да се надевате дека некогаш “ќе си се вратиме на своето”, ниту пак остава дилема во светот дали овој компромис е траен, неотповиклив, па со самото тоа, и доволно сериозен. Таквата природа на договорот истовремено ги разјаснува стравовите дали било која од страните (а нам тоа ни е исклучително важно) ќе може да побара нешто дополнително понатака. И да се разјасниме околу приказните за двојните формули: мантрата дека доколку го задржавме старото име за по дома, ќе направевме кој знае каква придобивка, е лажна. Името со кое ве нарекува целата планета, 7 милијарди, тоа е вистинското име, а не она кое вие самите го користите за по дома во вашето мало гето.
На крајот, противниците на овој договор треба да се изјаснат каков друг компромис (доволен за да го добиеме идентитетот) би поддржале, ако овој го отфрлаат. А тоа не е лесна задача. Мислам дека овој дил е најдобар кој сме можеле да го добиеме во дадените околности, а е секако подобар одошто било каква варијанта која сме можеле и да ја сонуваме до пред само две години. Исчезна стравот дека името „Македонија” ќе го снема, дека никаков идентитет не се прифаќа и слично. Мислам дека ова сознание е токму вистинската ориентација кон ова прашање: изборот не е овој договор или некаков друг “како мали Ѓокица замишља”, туку овој договор или никаков, и враќање назад кон жабарникот и позицијата на хемороидот на анусот на газот на светот. Од тие алтернативи, јас го бирам овој договор.
Оттаму доаѓа и онаа релативно тажна прес конференција на ВМРО ДПМНЕ, во која се обидуваат неопходниот компромис да го претстават како капитулација. Имајќи предвид дека овој договор на пристоен начин ги задоволува дури и нивните декларирани стандарди за македонскиот идентитет, а неговото прифаќање ги отвора веднаш вратите за ЕУ и НАТО, тасот на вагата некако натежнува про-решение, а ваквото решение особено, ќе биде тешко да се напаѓа. Затоа, не сум сигурен дали Мицковски, чија партија ни во највлажните соништа не би можела да се надева на ваква позиција, токму заради нивното поведение по овие прашања, кога би го имал овој дил, не би го потпишал со двете раце и би го славел како огромна национална победа. Оттаму, не сум сигурен дека „парастос” атмосферата на пресот на опозицијата е од тага, страв, или можеби завист?
Остануваат проблематичните точки околу имплементацијата: обезбедувањето политички консензус дома, ратификацијата во собранието, флората на Иванов, референдумот. Сите овие можат да бидат камен на сопнување, но по сѐ изгледа, глобалната слика е сменета. Сите варијабли кои претходно влијаеа на одложување на овој проблем, сега се превртени и работат за решение. Македонија е сменета, го има пречекорено прагот од кој нема назад, а Иванов и Мицковски ќе имаат избор дали да дојдат од оваа страна, или (како што е нивната традиција, впрочем), ќе останат заглавени во темната мала соба и низ клучалка ќе завидуваат на новата отворена перспектива, се разбира, во друштво на Мицотакис, Орбан, Ердоган и Путин. Мене ми изгледа дека тоа би била погрешната страна на историјата.