Се чека „Синовак“ за да продолжи имунизацијата
22 јуни 2021До крајот на неделава се очекува да пристигнат 500 илјади вакцини од кинескиот производител Синовак, со што ќе се овозможи масовна вакцинација на населението. Пристигнувањето на кинеските вакцини се најавува веќе подолг период. Во меѓувреме вакцинацијата се одвива со намалено темпо, а голем број граѓани спас побараа и во соседна Србија и на границата со Бугарија, каде можеа да одберат со која вакцина ќе се имунизираат. Последните најави на министерот за здравство се дека долго очекуваните кинески вакцини наскоро ќе пристигнат, со што бројот на вкупно вакцинирани граѓани во земјава ќе достигне околу 600 илјади.
„Мислам дека до крајот на летото, голема бројка на граѓани ќе бидат вакцинирани. Во овој момент се вакцинирани нешто под 300.000 граѓани, со оваа следна количина што доаѓа уште 300.000 граѓани, тоа се 50% од вкупната популација која што планираме да се вакцинира. Тука се исклучени децата“, изјави Филипче на заедничката прес конференција со амбасадорот на Народна Република Кина во земјата, Џанг Ѕуо. Тој смета дека до крајот на летото ќе се постигне процент на имунизирани за кој ќе може да се каже дека е колективен имунитет.
-повеќе на темата: Збунетост во врска со ефикасноста на кинеските вакцини
„Секако, не знаеме како ќе влијаат мутациите на коронавирусот, но искуствата од другите држави, вклучувајќи ја и Кина, покажуваат дека вакцините се многу важен фактор во борбата против пандемијата“, вели Филипче.
Од јули, третиот и четвртиот квартал, најавени се сите други поголеми количини на вакцини…се очекува, како што е првично највено, да стигнат 350 илјади од вакцините на Фајзер и преку Ковакс-системот. Досега во земјата вкупно се аплицирани 473.853 дози вакцини, а ревакцинирани се 199.143 граѓани.Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 454.104 граѓани.
Со последните бројки 50% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 45% од населението над 65 години, како и 38% од населението над 60 години имаат примено барем една доза вакцина. Во моментов се достапни околу 15.000 вакцини за првата доза.