1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се‘ повеќе мртви поради големите жештини

Карин Јегер/ Ж. А.24 јули 2015

Се‘ почести се суши, обилни дождови и топлотни удари. Временските прилики кај луѓето носат големи здравствени проблеми. Метеоролозите предупредуваат-опасноста не е помината, доаѓаат уште поинтензивни периоди на жештини.

https://p.dw.com/p/1G3jG
Фотографија: picture-alliance/ROPI/Piaggesi/Fotogramma

Пред околу две недели во баварското место Китциген беше измерена рекордна температура од 40,3 степени Целзиусови, повисока отколку било кога досега во историјата откако се мери температура. Дури и во алпските предели на височини над 1.000 метри, живата во термометрите се искачи над 30 степени. Метеоролозите од Германската метеоролошка служба и за натаму прогнозираат температири над 38 степени.

Високи температури како овие, топлински бранови и екстремни температурни разлики во кратки временски распони во Германија се се‘ поопасни по здравјето, покажува резултатот на истражувањето кое по налог на Сојузната служба за заштита на околината го спроведе Германската метеоролошка служба. Последиците од ова жешко лето не се земени во обзир.

Bildergalerie Deutschland Hitzewelle 2015
Жештините посебно тешко им паѓаат на постарите луѓеФотографија: picture-alliance/epa/F. Sivi

Во периодот од 2000 до 2010 година стапката на смртност кај хроничните срцеви болести е порасната од 10 до 15 проценти. „Поради климатските промени, во Германија може да очекуваме уште подолги и поинтензивни топлински бранови“, вели Паул Бекер, потпретседател на Германската метеоролошка служба. Ако не успееме да се прилагодиме, стапката на смртност кај коронарните срцеви болести до крајот на векот ќе се зголеми за три до пет пати.

Најтешко им е на старите и хронично болни лица

Подолгите и поинтензивните врели периоди се големо оптоварување за срцето и крвотокот. Топлинските бранови над просек, според резултатите од студијата, се поврзани со поголем број смртни случаи. Експертите од Сојузната служба за заштита на околината и Германската метеоролошка служба предвидуваат здравствените ризици веројатно најмногу да пораснат во и така врелите предели во јужна и западна Германија.

Моментно постојат различни начини за подобра подготовка за топлинските бранови: преку системот за предупредување од топлински бранови од Германската метеоролошка служба, жителите преку интернет и паметни телефони можат да се информираат и да се спремат за подолги периоди на големи жештини. Важно е не само прилагодување кон екстремно жешките денови, туку и кон растечката варијабилност на временските прилики, истакнуваат од Сојузната служба за заштита на околината и Германската метеоролошка служба.

Maria Krautzberger
Марија Крауцбергер, нов раководител на Германската служба за заштита на околинатаФотографија: picture-alliance/dpa

Стратегии на прилагодување кон климатските промени

Заради превенција од штетните влијанија на климатските промени по здравјето, надлежните институции препорачуваат здрава и урамнотежена исхрана, како и многу физички активности, иако не во текот на исклучително врелите периоди. Ограниченото внесување алкохол и воздржувањето од пушење исто така помага во смалувањето на здравствениот ризик и ни овозможува полесно да ги поднесеме сите неповолни временски промени.

Покрај тоа, смисол имаат и превентивните мерки како намалување на топлинските острови во градовите или подобра подговка на здравствениот систем.

Спроведената студија е дел од опширната анализа за последиците на климатските промени по луѓето, околината и другите подрачја на активност. Истражувањето го порача германската влада, која во рамките на националната стратегија за прилагодување кон климатските промени има намера да го искористи за изработка на акционен план во итен случај. Неколку студии и истражувања на јавното мислење досега покажаа дека одредени временси прилики корелираат со зголемувањето на здравствените тегоби или дури и со смртните случаи, а добар дел од тие временски прилики во иднина, се чини, ќе бидат многу почеста појава.