Се‘ повеќе зависници од интернет
29 мај 2011Според надлежната за дроги во сојузната германска влада, Мехтилд Дикманс, од Либерално-демократската партија на Германија (ФДП), стариот план за справување со дрогите од 2003 година мора да се прилагоди на новите состојби. Тогаш само попатно беше наведена зависноста од интернет и од игрите на среќа. Владата најверојатно уште пред летната пауза ќе го разгледува тоа прашање. Мехтилд Дикманс објаснува: „Не станува збор за тоа дали некој седи пред компјутер четири или шест часа. Тоа се‘ уште не е зависност од интернет. Зависноста од интернетот започнува кога некој повеќе не се движи надвор од интернет мрежата и целосно ги прекинува социјалните контакти“.
„Пиењето до бессознание е широко распространето“
Сојузната германска влада затоа работи на нова стратегија за дрогите, поради тоа што зависноста од медиумите и интернетот се‘ уште не е долго во фокусот.
600.000 луѓе се зависни од игрите на среќа, истакнува Дикманс. Притоа за нов предизвик важи зависноста од интернетот, кој треба сеопфатно да се проучи. Студиите класифицираа помеѓу 1,6 и 8,2 проценти од корисниците на интернет како зависници.
Од друга страна, пак, опаѓа бројот на младинци кои редовно конзумираат алкохол. Според извештајот за дроги и зависност, објавен неодамна од германската влада, минатата година 13 проценти од младите од 12 до 17 години пиеле алкохол најмалку еднаш неделно, а во 2004 година дури 21 процент. Но, „пиењето до бессознание“, т.е. конзумирањето на најмалку пет алкохолни пијалоци едноподруго е широко распространето. Имено, 16,7 проценти од малолетниците велат дека го практикувале тоа „изминатиот месец“.
Опаѓа популарноста на канабисот
Исто така евидентирано е опаѓање на бројот на пушачи меѓу младинците. Во 2001 година по цигарите посегнуваа 23 проценти од младите на возраст од 12 до 17 години, а во 2010 година само 13 проценти. Секоја година умираат 110.000 луѓе од директните последици на пушењето.
Популарноста на канабисот исто така опадна. Пет проценти од младинците ја конзумирале оваа дрога во изминатата година, а во 2004 година тоа го сториле 10 проценти. Бројот на смртни случаи поради конзумирање дрога во 2010 година се намали за седум проценти.
Дикманс предупредува од опасноста од „легал хајс“, кои се декларираат како сол за бањање, освежувачи на воздухот или мешавини од тревки, и се нудат како наводно легални алтернативи за вообичаените илегални дроги. Производите изгледаат безопасно, но често содржат опијати или хемиски состојки со слично дејство.
Извештајот за дроги на германската влада дава објаснување за проектите и мерките на политиката за дроги и зависност од 2009 до почетокот на 2011 година.
Автор: ЈМЈ/ AT/ дапд/ дв
Редактор: Александра Трајковска