1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Се бара прекин на огнот во Украина за Велигден

ЕМФ | агенции
19 април 2022

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, бара четиридневен прекин на огнот во Украина за Велигден. Таков апел до рускиот патријарх упати и Светскиот сојуз на цркви.

https://p.dw.com/p/4A7JM
Ukraine | Russische Soldaten in der Region Lugansk
Руски војник во регионот Луганск (29.03.2022)Фотографија: Gavriil Grigorov/TASS/dpa/picture alliance

Генералниот секретар на ОН, Антониот Гутереш, денеска (19.04) упати остра осуда на руската офанзива на истокот на Украина и побара четиридневен прекин на огнот по повод православниот Велигден. „Наместо да биде празник на животот, овој Велигден се поклопува со руската офанзива во источна Украина“, рече Гутереш пред новинарите и побара „хуманитарна пауза“ од четврток до Велигден (24 април) со цел „да се овозможи отворање на низа хуманитарни коридори“.

Russland Moskau Kubinka | Kathedrale der Russischen Streitkräfte
Храмот на руските вооружени сили во КубинкаФотографија: picture-alliance/Sputnik/A. Rusov

Светскиот сојуз на цркви (или Екуменски совет на цркви, н.з.) го повика поглаварот на руската православна црква Кирил да се заложи за прекин на огнот во текот на православниот Велигден. Во писмо до рускиот патријарх, генералниот секретар на Светскиот сојуз на цркви, Јоан Саука, меѓу другото пишува: „Свесен сум дека не е во Ваша моќ и авторитет ставање крај на војната или влијаење врз оние кои имаат овластување за вакви одлуки, но верниците чекаат на утешен збор од Вашата светост. Тие мислат дека ако Вие, како духовен отец на толку милиони православни христијани во Русија и Украина, дадете јавна изјава и упатите молба, тоа би можело да има дејство.“

Russland I Orthodoxer Patriarch Kyrill
Поглаварот на руската православна црква КирилФотографија: Sergei Karpukhin/TASS/picture alliance

Саука му се обрати по писмен пат на рускиот патријарх уште на почетокот на март. Тогаш тој го замоли Кирил да се заложи за крај на војната. Во својот одговор рускиот патријарх повтори дека е цврсто убеден оти иницијатори на конфликтот „не се народите на Русија и Украина, кои потекнуваат од киевската крстилница и кои се обединети со заедничка вера, заеднички светци и молитви и имаат заедничка историска судбина“. За конфликтот, според него, е виновен Западот.

Русија ноќеска почна со воздушни напади на истокот на Украина. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју за весникот „Индија Тудеј“ рече дека воениот ангажман во Украина влегол во „нова фаза“.

Како се чувствуваат младите украински бегалци во моментов?

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема