СДСМ победи во Теарце, изборниот резултат останува ист
25 декември 2016
ВМРО-ДПМНЕ - 149, ДПА - 1, ДУИ - 1, СДСМ 245, Алијанса за Албанците - 1, ВМРО за Македонија - 2. Ова според веб страната на Државната изборна комисија се конечните резултати од прегласувањето кое денеска се одржа во селото Теарце.
И покрај тоа што СДСМ освои повеќе гласови, сепак крајниот изборен резултат нема да биде променет бидејќи бројката на гласови која фали за предност на СДСМ во ИЕ6 е 307 гласови. Во меѓувреме на социјалните мрежи политичарите започнаа да прогласуваат победа и да слават секој за својата партија.
На Фејсбук се огласи Антонио Милошоски кој прогласи победа за ВМРО-ДПМНЕ
„ Народот: победник! СДСМ+БЕСА+шарените: изгубија! Пратеници ВМРО 51:49 СДСМ. 455.000 родољубиви гласови“, напиша Милошоски.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев исто така прогласи победа по изборите во Теарце.
„Победата на мнозинството граѓани во земјава кои гласаа за промени се потврди и во мултиетничко Теарце. Најискрени честитки до граѓаните на Теарце кои со своето гласање многу прецизно го потврдија севкупното расположение во Македонија. Македонија избра промени и живот, Теарце избра промени и живот“, напиша Заев на Фејсбук.
Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов вечерва изјави дека и покрај тоа што гласањето во Теарце не ги промени мандатите кои двете партии ги освоија во парламентот, следната Влада ќе биде формирана од СДСМ.
„Од овде, од Теарце, ќе ја послушаме пораката која ја испратија Теарчани, која е иста како што ја прати остатокот од граѓаните на Македонија, а тоа е дека во земјава ќе има одговорна Влада, Влада која ќе ги воведе демократските промени во државата. Влада со институции кои ќе одговорат на потребите на граѓаните. Во Македонија ќе има ново владино мнозинство“, изјави Шилегов.
Гласањето во Теарце денеска се одвиваше мирно и без поголеми нерегуларности. Според податоците на веб страната на ДИК, од вкупно запишани 714 избирачи на избирачкото место 2011 во Теарце вкупно гласале 402 жители и излезноста изнесува 56,30%.
Утринава околу девет часот, гласањето беше прекинато дваесетина минути поради проблем со двете УВ- лампи наменети за проверка на прстот, по што гласањето продолжи.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека тие вчера добиле пријава за примање на поткуп при гласањето. Осомничени се две лица С. Ш и Ф.И кои наводно на неколку семејства во Теарце им нуделе од 100 до 500 евра за еден гласач, за да не го остварат своето избирачко право.
Прегласувањето во Теарце беше наложено од Управниот суд, откако истиот утврди дека во Теарце недостасувал еден записник.