1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ остава граѓаните да номинираат претседателски кандидат

23 јануари 2019

Над десетина лица од политичкиот и јавниот живот се на проверка на нивниот рејтинг меѓу граѓаните. Резултатите ќе му покажат на СДСМ дали граѓаните сакаат партиски или натпартиски кандидат.

https://p.dw.com/p/3C0He
Politik Skopje, Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Имињата на над десетина личности од политичкиот и јавниот живот се на проверка на нивниот рејтинг меѓу граѓаните, во анкети што во моментов ги спроведуваат две агенции, по барање на СДСМ. Од партијата велат дека истиот список ќе помине низ две истражувања, со цел - со поголема веродостојност да се покаже кој кандидат би бил најприфатлив за граѓаните. За да се избегнат шпекулации кои би можеле да влијаат врз истражувањето на јавното мислење, од СДСМ не ги откриваат имињата чиј рејтинг е ставен на проверка. Но, потврдуваат дека на листата се имиња на актуелни министри, партиски функционери, лица од академската заедница и други јавни личности.

„Мислам дека нема партија од поголемите што не прави анализи и рејтинзи во моментот, бидејќи секој сака да победи, секој сака да застане зад вистински кандидат, секој сака да на граѓаните им го понуди најдоброто што постои. Да, и ние правиме истражување во овој момент, за да можеме да доносеме најмудри одлуки“, потврди вчера премиерот Заев.

Резултатите од анкетите треба да дадат одговор и на прашањето каков претседателски кандидат е најприфатлив за граѓаните - партиски или натпартиски?

На проверка и кандидати за градоначалници

Ова не е прво испитување на јавното мислење што го побарале социјалдемократите. Според партиски извори, низ првична проверка во два наврата поминале имињата на актуелните министри Никола Димитров, Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска, националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, но и професорот и амбасадор Денко Малески, кој од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, беше посочен како прифатлив кандидат што ги исполнува сите стандарди да биде претседателски кандидат. Во тие првични анкети, според истите извори, јавноста послабо било наклонета кон двајца од посочените кандидати. Не откриваат за кого станува збор, ниту дали нивните имиња остануваат на листите за натамошна проверка кај граѓаните. Последните денови во партиски кругови како можни претседателски кандидати флуктуираат и имињата на пратеникот и партиски потпретседател Мухамед Закири, и на министерката за правда, Рената Тренеска Дескоска. Од партијата не откриваат дали и овие имиња се во новите испитувања на јавното мислење, но потврдуваат дека анкетите се пообемни, и не само за претседателски кандидати.

Mazedonien Präsidentschaftswahlen 2014 Stevo Pendarovski
Фотографија: ROBERT ATANASOVSKI/AFP/Getty Images

Тоа вчера го потврди и премиерот Заев, кој најави дека Централниот одбор на СДСМ најверојатно ќе заседава во петок, кога ќе се разговара за барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за одржување и на парламентарни избори.

„Ќе почне и дебата за постапките за номинирање на кандидати за претседател на државата, но и кандидати за градоначалници на Охрид, Ново Село и Дебар, општини каде што ќе се одржат и локални избори заедно со претседателските“, изјави премиерот.

Повеќе:

-Нова нијанса: ВМРО-ДПМНЕ „инсистира“ на парламентарни избори

-Со Господ напред до предвремени избори?!

-Заев: СДСМ ќе го разгледа прашањето за предвремени избори

Токму заради локалните избори во трите општини, во актуелните испитувања на јавното мислење се вклучени и имиња на кандидати за градоначалници. Резултатите од најновите анкети се очекуваат во почетокот на февруари. Заев најави дека врз основа на тие резултати дебатата ќе почне во СДСМ, а потоа и во коалицијата што ја предводи оваа партија. Она што е извесно, е дека заеднички прифатливиот кандидат нема да зависи од личните префренции на партнерите во вледејачката коалиција, туку од ставот на граѓаните. Ова премиерот вчера повторно го потенцираше како главен принцип во изборот на претседателски кандидат.

„Уште еднаш напоменувам дека консензуалниот претседателски кандидат не треба да биде договаран меѓу Зоран Заев и Али Ахмети, или Африм Гаши и Али Ахмети,  туку треба да биде кандидат на граѓаните. Има такви луѓе во Македонија. Ако бидеме одговорни, пред сѐ, за државата, со анкети, истражувања и со внимателно слушање на граѓаните, ќе го најдеме! Очекувањата се да имаме некој што ќе биде претседател на сите граѓани и навистина ќе ги нема тие слабости коишто досегашниот претседател ги покажа во делот на мултикултурализмот, мултиетничкото општество и нашите одговорни политики во делот на интеграциите на Македонија во ЕУ и НАТО“, порача премиерот.

Заев: Време е да се соберат плодовите

Во однос на парламентарните избори, врвот на СДСМ и натаму смета дека тие во овој момент не се потребни, бидејќи приоритет се реформите и економијата, односно обезбедување резултати кои би го отвориле процесот на преговори со ЕУ.

И во ВМРО-ДПМНЕ не постои увереност дека парламентарните избори се неопходност во овој момент. За избори не се расположени голем дел од актуелните пратеници кои сметаат дека не би се нашле на нови кандидатски листи, бидејќи лидерот ќе сака да има „своја“, а не наследена пратеничка група. Тие сметаат дека изборите се во интерес само на партискиот врв, кој дури и во ситација на пораз, сепак би имал пратеничка група под своја контрола, откако тоа го направи со партиските органи, во кои не се толерира различен став. На тој начин би им се „одмаздил“ и на „непослушните“ седум пратеници кои гласаа за уставни измени и беа исклучени од партијата, со тоа што ќе им се прекине мандатот, а ќе останат без база која повторно би ги кандидирала.

Mazedonien - Parteichef Zoran Zaev
Фотографија: MIA

Имајќи го ова предвид, против избори е независната група од осум пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, која сега е значаен ресурс во обезбедувањето двотретинско мнозинство за реформски закони, мнозинство кое СДСМ тешко би го освоила сама на нови избори. Според извори од СДСМ, иако се уверни во голема победа на евентуални парламентарни избори оваа пролет, сметаат дека е подобро тие да се одржат следната година. Потенцираат дека не треба да се пропушти периодот во кој ЕУ, но пред се граѓаните очекуваат резултати и придвижување на економија, а за тоа е неопходна целосна посветеност на тие цели во 2019 година. И премиерот Заев вчера нагласи дека „граѓаните сега треба да ги соберат плодовите од тешките одлуки што ги донесе Македонија“. Најави очекуван договор со Светска банка за старт на проектот Македонија без кал, односно изградба на локални и регионалните патишта, потсети на проектите за изградба на железници и гасификацијата, во најголем дел надвор од капиталните инвестиции од буџетот, капитални инвестиции во училишта, детски градинки, водовод и канализации, но и зголемен интерес за инвестиции од странски компании.

„Верувам дека сите тие проекти ќе го заживеат економскиот раст и развој, една од најсилните причини зошто треба да се даде шанса на економијата во Македонија“, рече Заев, најавувајќи дека поради ваквите перспективи со сериозна анализа и одговорност треба да се дебатира за барањето за вонредни избори.