СДСМ и ДУИ ги распределија кадрите во новата влада
19 август 2020Повеќе ротации, две нови вицепремиерски функции со специфични овластувања, и неколку нови имиња во владата која ќе ја предводи Зоран Заев во следните четири години. Највисоките партиски тела на СДСМ и ДУИ вечерва го аминуваа вчерашниот лидерски договор и ги потврдија кандидатите за државни функции во новата влада.
Поголеми изненадувања нема. СДСМ ги ротира досегашниот шеф на дипломатијата Никола Димитров во секторот евроинтеграции, Мила Царовска во образование, а досегашниот министер за земјоделство Љупчо Николовски ќе стане вицепремиер за борба против корупција. Со дипломатијата во следниот мандат ќе раководи Бујар Османи од ДУИ, а во земјоделство ќе седне кадар на Беса.
Досегашниот советник на Заев и преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ ќе ја замени Рената Дескоска во правда, а со културата ќе раководи поранешната пратеничка, историчарката Ирена Стефоска. Откако двата министерски ресори во економијата и финансиите отидоа во рацете на ДУИ, Крешник Бектеши и Фатмир Бесими, на вицепремиерската функција одговорен за економски прашања ќе заседне Фатмир Битиќи.
Нови имиња во предлозите на СДСМ се и Јагода Шахпаска која ќе раководи со труд и социјала, и Благој Бочварски во транспорт и врски.
Кај ДУИ, долгогодишниот пратеник Артан Груби ќе стане прв вицепремиер и министер за политички систем, а Насер Нуредини останува да раководи со министерството за животна средина. Партијата уште не одлучила кого ќе предложи за министер за информатичко општество.