СДСМ: Во петок ќе се знае претседателскиот кандидат
27 февруари 2019Денешната најавена средба меѓу лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, треба да даде одговори во која насока се движат односите меѓу двата коалициски партнера, но и дали на претседателските избори ќе настапат со заеднички кандидат. Во пресрет на оваа средба, СДСМ синоќа одржа координација, но до утрово немаше никакви официјални информации какви партиски ставови или заклучоци се донесени за актуелните прашања.
Партиски извори не соопштуваат детали од средбата, но неофицијално соопштуваат дека за името на претседателскиот кандидат ќе се решава во петок.
Тие велат дека Заев денеска ќе се слушне со лидерите на политичките партии, а на денешната средба со Ахмети покрај разговори за претседателскиот кандидат, тема ќе бидат и случувањата во тензичниот викенд поврзани со епилогот за пратеничките имунитети, и сѐ што произлезе од тоа.
Доколку петок е последниот ден за одлука, денешните разговори се клучни за оценка во која насока ќе се бараат решенијата. Утре (28.2) премиерот Заев заминува во посета надвор од државата, што значи дека за петок се оставени евентуално последните „пеглања“ на ставовите на партиите од владејачката коалиција.
Неизвесно до петок
Практично, сите опции и натаму се отворени. Темите не се едноставни и директно го отворија прашањето за опстанокот на актуелната владејачка коалиција, без оглед што функционери од двете партии вчера настапија со смирувачки тонови, изјавувајќи дека таа не е доведена во прашање. Таков став пред почетокот на синоќешната координативна средба изнесе премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев.
„Коалицијата не е создадена за еден ден. Таа има свои стратегиски определби и заедничка програма на Владата. Ќе сакаме да ги слушнеме и аргументите од нашите партнери, за да можеме на крајот да носиме заклучоци за ваквите прашања. Да им дадеме шанса на аргументите, да разговараме заедно сите како што и им личи на демократските партии“, рече лидерот на СДСМ.
Притоа додаде „дека не се многу далеку од изборот на заеднички кандидат“, со партиите со кои разговараат за тоа, меѓу кои и ДУИ.
„Верувам дека тие веќе разговарале и имаат свои гледишта. Сигурно, ако разговарале во функција на заеднички кандидат, имаат имиња, имаат свои анализи. Ние споделивме наши анализи, тие имаат свои. Додека траат пратеничките прашања (денеска, 27. 2. - н.з), ќе ја оствариме средбата на која ќе имаме подетални информации дали е возможно СДСМ и ДУИ, а секако и сите други политички субјекти со кои разговаравме, да дојдеме до едно заедничко име за кандидат за претседател“, изјави Заев.
Ахмети: Јас сум за национална политика!
Претходно и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, потенцираше дека нема проблеми во функционирањето на владејачката коалиција, и изрази уверување дека ќе најдат решение за консензуален претседателски кандидат.
„Може да постојат разлики во некои точки кои не го нарушуваат интегритетот или моралот на ниту една од страните, но нема судири. Земјата има потреба од поголем интегритет и дијалог меѓу страните, како на оние што се на власт, така и на оние кои се во опозиција“, рече Ахмети.
Алудирајќи на изјавата на пратеникот и потпретседател на СДСМ, Мухамед Зекири, дека влада може да има и без ДУИ, Ахмети рече дека тоа би било грешка.
„Доколку може да има влада без ДУИ, би рекол дека се прави голема грешка, но тоа може да биде изјава на член или на функционер на СДСМ кој нема одговорност за големата историска мисија што ја има државата. Јас во оваа ситуација имам одговорност пред граѓаните, било да се Албанци, Македонци, Турци, Роми, Срби, Власи, и во оваа ситуација не се служам со политичка емоција за дневна политика, за рејтинг... Јас сум за национална политика, која е корисна за сите граѓани“, рече Ахмети.
Повеќе:
Дуализам на ДУИ: Ем на власт со СДСМ, ем во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ
Математики за ново мнозинство
Но, според ставовите на граѓаните изнесени во повеќе контактни емисии на телевизиите, сѐ поевидентно е дека е нарушена довербата во аргументите што ги нуди ДУИ, особено за тоа кој е виновен за случајот со претничките имунитети на Трајко Вељаноски и Љупчо Димовски. Сѐ побројни се ставови за потреба од рекомпонирање на коалицијата, поради сомнежи дека неодземањето на пратеничкиот имунитет е резултат на договор меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ.
По вчерашната изјава на Заев дека без ДУИ имаат 58 пратеници, во политичките кулоари се прават математики како СДСМ би имала мнозинство и без партијата на Ахмети. Тоа на Фејсбук го направи и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски. Нарекувајќи ја актуелната „селотејп коалиција“, тој „пресмета“ со кои пратеници СДСМ може да обезбеди мнозинство од 64 пратеници, без ДУИ.