Светската пливачка елита на Охридскиот маратон
19 август 2012На стартот кај „Свети Наум“ ќе се појават водечките во генералниот пласман на ФИНА, Австралиецот Трент Гримси како првопласиран со 78 бода, Аргентинецот Дамиан Блаум како втор со 56 и третопласираниот Андреа Волпини од Италија со 40 бода. Најдобар македонски маратонец е Евгениј Поп Ацев на петтата позиција со 34 бода.
Иако вон конкуренција за победа во генералниот пласман, најголем фаворит за триумф денеска е десеткратниот победник на маратонот во Охрид, Бугаринот Петар Стојчев.
Шестчлената македонска експедиција ќе ја предводи третопласираниот минатата година Евгениј Поп Ацев. Заедно со него ќе пливаат уште Александар Илиевски, Дејан Младеновски, Александар Панчевски, Миро Крстевски и Александар Тороманоски. Иако беше пријавен, настапот на денешната трка поради повреда го откажа Томи Стефаноски, кој беше втор на минатогодишниот маратон.
Наградниот фонд - 25 илјади долари
Листата кај дамите ја предводи водечката во генералниот пласман и трикратна побеничка во Охрид, Шпанката Естер Њуњез Гомез Морера, додека зад неа е Аргентинката Гељо Пиљар.
И ова маратонско издание ќе мине без македонска преставничка во женска конкуренција. Последната Македонка која пливала и триумфирала на Охридскиот пливачки маратон беше Теодора Раптис во 1992 година. Годинава трката во женска конкуеренција ќе има нов победник, бидејќи бранителот на титулата од 2010 и 2011 година Карла Ситиќ од Хрватска не пријави учество на маратонот.
Стартот на трката е закажан за денеска точно на пладне кај Свети Наум, а првите маратонци на целта кај Градското пристаниште во Охрид ќе пристигнат некаде пет и половина часа подоцна. Рекордот на 30-километри долгата патека го држи Игор Мајцен од Словенија со резултат (5:19:49) постигнат во 2000 година.
Според последните мерења, температурата на воздухот се очекува да биде меѓу 26 и 30, додека на водата од 22 до 25 Целзиусови степени.
Охридскиот пливачки маратон е последна од осумте трки во рамки на „Гран-при 2012“ серијата на Меѓународната пливачка федерација, а се одржува под покровителство на македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов. Наградниот фонд на маратонот изнесува 25 илјади долари.
Во ФИНА бодувањето се одредува според паричниот фонд, така што победникот на охридскиот пливачки маратон, покрај паричната награда, ќе добие и 25 бода на своето конто, вторпласираниот 19, третиот 16, четвртиот 13. Секој што ќе го заврши маратонот ќе добие четири бодови