Светот се разоружува, Европа се вооружува
14 март 2022Податоците за продажбата на оружје се многу важни по почетокот на војната во Европа. Во најновата студија, стокхолмскиот Институт за истражување на мирот СИПРИ го анализира периодот од 2017 до 2021 година, значи не го опфаќа периодот на војната во Украина. Но, и покрај тоа, овие податоци покажуваат енормно зголемување на тензиите во Европа.
Додека во светот трговијата со оружје има пад од 4,6%, европските држави ја зголемиле набавката во оваа сфера за 19%. Европа е регион со најголем пораст на увоз на оружје во светот.
Питер Веземан, еден од авторите на студијата на СИПРИ, зборува за „загрижувачки тренд на вооружување". Ијан Ентони, раководител на Одделот за европска безбедност во институтот СИПРИ и експерт за Русија, смета дека во овие податоци се наоѓа и одговорот на НАТО „на руската анексија на Крим од 2014 и агресијата во Донбас". Тој додава дека НАТО тогаш одлучил „да го смени курсот на намалување на трошоците за одбрана во спротивна насока“.
Русија и Кина продале многу помалку оружје
Во светло на војната, интересен е трендот на големи поместувања кај некои извозници на оружје. Иронично, извозот на оружје од Русија, која е број 2 на светскиот пазар по САД, има пад од 26%. Сепак, ова се должи на намалените нарачки од само две земји, Индија и Виетнам, но според извештајот на СИПРИ, се очекува Индија во следните неколку години да набави поголемо количество оружје од Русија.
Сепак, најголем пад од 31% има во Кина. Германија, која е петтиот извозник на оружје по големина, исто така продала помалку и има пад од 19%. Наспроти тоа, САД бележат раст од 14% во извозот на оружје споредено со претходно анализираниот период, а Франција, која е трета на глобално ниво, има огромен раст од 59%.
Земјите кои граничат со Русија купуваат американски борбени авиони
И покрај тоа што бројките на СИПРИ се однесуваат на периодот до крајот на минатата година, во нив се гледа дека ескалацијата на руско-украинскиот конфликт веќе имала свое влијание. „Значителното влошување на односите меѓу поголемиот дел европски земји и Русија беше вистински двигател на растот на европскиот увоз на оружје и тоа пред сѐ кај земјите кои не можат да си ги покријат сопствените потреби со свое производство“, пишува Веземан. Трговијата со оружје игра и важна улога во „трансатлантските безбедносни релации“.
САД без конкуренција е најголемиот лиферант на оружје во Европа, пред сѐ на борбени авиони. Само Велика Британија, Норвешка и Холандија заедно имаат нарачано 71 американски борбени авиони од типот Ф-35. Во 2020/21 следеа нарачки и од други земји кои се чувствуваат особено загрозени од Русија. Финска сака да купи 64, а Полска 32 Ф-35 машини. Германија од САД исто така нарача пет патролни противподморнички авиони од типот П-8А.
Помалку оружје за Украина
Украина во периодот 2017-2021 има увезено само мало количество воена опрема. Тимот на СИПРИ тоа си го обајснува делумно со „ниската куповна моќ на земјата и фактот дека Украина поседува сопствени индустриски капацитети за наоружување и големи резерви на оружје“, претежно од советската ера. Покрај тоа, институтот вели дека „до февруари 2022 година повеќето од важните извезувачи на оружје ги имаа ограничено испораките за Украина од страв дека би можеле да го поттикнат конфликтот".
Таквата воздржаност, како што се покажа, не го спречи нападот од страна на Русија. Од опремата што Украина ја има купено вреди да се издвојат 12 борбени дронови од Турција, 540 противтенковски ракети од САД и од најголемиот лиферант, Чешка, 87 блиндирани возила и 56 парчиња артилериско оружје.
Воено значење -за разлика од политичките гестови - во актуелниот конфликт, според СИПРИ, имаат борбените и извидничките дронови од типот „Бајрактар” од Турција. Постојано излегуваат слики од уништени руски тенкови со помош на американските противтенковски ракети „Џавелин“.
Меѓутоа, Ијан Ентони вели: „Ниту еден поединечен вооружен систем нема да биде пресуден за исходот на војната. Руското фокусирање на опсада, користење тешка артилерија и непрецизните бомбардирања од воздух покажуваат дека со резерва треба да се зема приказната за нова технологија која е одлучувачка за војната.“
„Политичко-воената географија на Европа е темелно променета"
Кои стратешки заклучоци може да се извлечат по неколку недели војна? „Војната во Украина уште во оваа фаза темелно ја промени политичко-воената географија на Европа", смета Ијан Ентони. „Сега веќе не може да има илузии за соработка со Русија во опширен безбедносен концепт како што беше договарано во 1990-тите години. Русија на неодредено време веќе не може да биде партнер."
Рускиот напад врз Украина, според проценката на експертите на СИПРИ, му дава на НАТО право да се откаже од досегашните обѕири спрема Русија во своите источни членки: „НАТО сега е ослободен од гаранциите кои ѝ ги даде на Русија во однос на трајното распоредување побројни сили во тие земји.“