1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сведокот не кажувал вистина за атентатот врз Глигоров

Горан Петрески2 декември 2008

Тврдењата на сведокот дека македонските тајни служби се вмешани во атентатот на поренешниот претседател Киро Глигоров не се вистина, соопшти македонскиот државен јавен обвинител Љупчо Швргоски.

https://p.dw.com/p/G7mW
Истрагата за атентатот врз Глигоров во Скопје тапка повторно в место: обвинителот ШвргоскиФотографија: Petr Stojanovski

Јавното обвинителство ги анализирало информациите на сведокот, чиј идентитет сеуште се чува во тајност, а пред еден месец ги обелодени професорот Љубомир Фрчкоски во неговата колумна, и утврдило дека нема основа за отворање на кривична постапка. Ова го изјави државниот јавен обвинител Љупчо Швргоски на прес конференција во Скопје.

Сведокот тврдеше дека сам ја направил фотографијата

Сведокот тврдеше дека фотографијата, на кое се гледа возилото „Ами 6“ пред хотелот Бристол, во кое беше поставен експлозивот, ја направил самиот тој по наредба на неговиот претпоставен од ДБК, а автомобилот го купил негов колега од тајната полција. Доказите кои ги обезбедило обвинителството се сосема спротивни. Фотографијата ја направил германскиот професор Хајнс Херпих, кој во октомври 1995 –та година, кога се случи атентатот, престојувал службено во Македонија.

Kiro Gligorov
Киро Глигоров, поранешниот македонски претседателФотографија: dpa

Кога колегите од Македонија на возратна посета кај германскиот професор Херпих го забележале автомобилот „Ами 6“ на фотографијата во неговиот албум, ја известиле македонската амбасада во Берлин, која и‘ ја доставила фотографијата на македонската полиција.

И втората информација била лажна

Полицијата собрала докази дека и втората информација во врска со купувачот на автомобилот „Ами 6“ е лажна. Обвинителот Швргоски нема одговор зошто по толку години сведокот се одлучил со лажни информации да се навраќа на атентатот. сведокот може да биде кривично гонет поради тоа што ги мобилизираше државните институции да трошат ресурси и време во истражување на невистини.

Истрагата повторно на мртва точка

Со ова истрагата за атентатот се враќа на мртва точка, тапка в место со години. Без точно утврден мотив беа споменувани повеќе верзии за нарачателите. Братиславска врска, бугарски Мултигруп, балканска мафија... Беа утврдени голем број пропусти во истрагата, која не обезбеди ниту еден доказ, кој би водел кон расветлување на обидот за дестабилизација на младата македонска држава.